
Од денеска започна примената на новиот механизам за постапување со возачите на возила со странски регистарски таблички кои направиле сообраќаен прекршок евидентиран од системот „Безбеден град“, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Механизмот веќе се применува на граничниот премин Табановце, каде при излез од Македонија се идентификуваат возилата со странски таблички за кои системот претходно регистрирал сообраќаен прекршок.
На возачите им се соопштува дека имаат евидентиран прекршок, по што им се издава записник за сторен сообраќаен прекршок и прекршочен платен налог. Казната можат да ја подмират согласно законската постапка.
Од МВР информираат дека поголемиот број возила кои денеска се појавуваат во постапката на Табановце е последица на тоа што ова е прв ден од примената на механизмот. Притоа, не се опфаќаат само прекршоците направени денеска, туку и оние што системот претходно ги евидентирал.
Министерството презема активности за постапката да се одвива непречено и да се намали времето на задржување на патниците на граничниот премин.
Според МВР, со новиот начин на постапување треба да се обезбеди еднаков и неселективен пристап при санкционирањето на сообраќајните прекршоци, без разлика дали возилото има македонски или странски регистарски таблички.
Од Министерството најавуваат дека примената на механизмот постепено ќе се проширува и на останатите гранични премини во државата.
„Безбеден град претставува значаен инструмент за унапредување на безбедноста во сообраќајот и зголемување на одговорноста кај сите учесници во сообраќајот“, порачаа од МВР.

Македонски


