
Долна Порта во Охрид, изминатиот викенд мирисаше на домашни производи, вино и лето. Се слушаше музика, се наздравуваше, се дегустираше, а посетителите – охриѓани, домашни гости и туристи од разни краишта на светот, уживаа во ова “патување” полно со гастрономски изненадувања.

Петтото издание на „Вкуси го Охрид – локално: Охридска медовина“ полека, ама сигурно, прераснува во еден од оние охридски летни ивенти што не се само дел од програмата, туку стануваат дел од доживувањето на градот. Од оние вечери што, таман кога ќе си речеш дека Охрид веќе си го видел во сите изданија, ќе ти покажат уште едно – миризливо, вкусно и наше.

И се внимателно и со многу стил осмислено до најситен детаљ: на влезот, на “портата на вкусовите”, две лични охриѓанки ги пречекуваа гостите со домашен леб и медовина- за добредојде. И тука, всушност, започнува овогодинешната приказната.
Медовината е вкус што патувал низ вековите – од медот собран од пчелите, преку водата и природниот процес на ферментација, до напиток со препознатлива сладост и карактер. Некогаш, кога немало ниту модерни винарии ниту разновидни пијалаци по полиците, медот и неговата природна ферментација биле доволни за да се создаде нешто што ќе се памети. Во охридската традиција медот имал и посебно место во свадбените обичаи. Слаткоста на медот била симбол за она што младите требало да го очекуваат во заедничкиот живот – љубов, среќа, плодност и многу убави денови.

Медовината затоа не била обична здравица. Таа се поврзувала со младенците и со првите мигови од нивниот брачен живот – како желба и нивниот заеднички пат да биде сладок како мед.
И можеби токму затоа, синоќа, секоја чаша медовина имаше нешто повеќе од вкус.
На овој настан бевме минатата година и многу се израдувавме кога видовме дека повторно се одржува. Сакаме да вкусиме нешто ново (луто слатко од цреши), да си купиме од ‘пробаното’ (зимница, сирење и кашкавал) и да ја почувствуваме атмосферата. Ова е Охрид каков што сакаме да го запомниме – локален, гостопримлив и со вкусови што не можеш да ги најдеш на друго место- ни раскажаа туристите од Земун, Србија, кои вторпат го посетуваат „Вкуси го Охрид – локално“. За оние што првпат ги посетија настанот ама и се запознаа со филозофијата на Слоу Фуд, изненадувањето беше уште поголемо. „Во Охрид доаѓаме често, ама првпат сме на овој Слоу Фуд настан“- вели симпатична брачна двојка од Утрехт, Холандија. „Пробавме медовина, купивме превкусни сирења, најубав маџун, а на истата тезга ни подарија штотуку набрано грозје. Тука, во Македонија, се има поинаков вкус кога ќе ти го понуди човекот што самиот го направил. Се одушевивме од лутиот ајвар, пробавме ѓомлезе и многу симпатични овошни џемови и слатка. Ова е вистинска гастрономска дестинација“- ни кажаа овие туристи, со насмевка наздравувајќи со македонските вина, од кои исто така беа воодушевени.

А на тезгите, како на празник на локалниот вкус – имаше од сè: сирења и кашкавали, ајвар и лутенка, слатко од сливи, цреши, кајсии…, мед, производи од тартуфи и производи од афион, вина, маџун, ѓомлезе, домашен леб.., козметика од пчелини производи, ракотворби, рачно направени кукли, сапуни и оригинални дамски ретро плетени чанти – предмети и вкусови во кои се чувствува човечка рака, трпение и љубов.
И уште нешто важно: зад секоја тезга стоеше човек. Производители раскажуваа како настанал нивниот производ, како се „лови“ тартуф, како се добива медот, суши овошје, прави маџунот…, како се создава нешто што можеби изгледа едноставно, но зад себе има многу работа, знаење и посветеност.

Токму тоа е суштината на „Вкуси го Охрид – локално“. Не само да вкусиш, туку да дознаеш кој го направил тоа што го пробуваш. Да ја запознаеш “приказната зад залчето”, раката зад ракотворбата и посветеноста зад вкусот. Да застанеш, да прашаш, да пробаш. Да си купиш нешто „за дома“, ама со него да понесеш и едно мало парче од местото.
Долна Порта синоќа беше празник за очи и душа – со внимателно наредена сценографија и вистинска мала гастрономска сцена.

Охридска августовска ноќ, музика, муабети, ведри лица и полни чаши, создадоа атмосфера во која никој не брзаше.
Слоу Фуд Охрид и Слоу Фуд Македонија уште еднаш покажаа дека најубавите стории не се секогаш оние што ги пишуваат туристичките водичи. Понекогаш се сервираат на мала чинија, се точат во мала чаша, се пренесуваат од рака на рака. И се раскажуваат со она наше, едноставно „ај, пробај“. А ние си заминавме со вкусот и со мислата дека убавите стории, тамам како добрата медовина, најубаво е да се споделат.
До следната приказна, до следната чаша и до следното „на здравје“ за она што е наше.
Настанот е поддржан од Општина Охрид, Слоу Фуд Македонија и Факултет за туризам и угостителство – Охрид.

Македонски


