
Самостојната изложба „Чудни гости“ на фотографката, режисерка и истражувачка Тијана Митевска ќе биде отворена денеска (19 август), во 20 часот, во Мобилната/Монтажната галерија во Паркот на Франкофонијата во Скопје.
Изложбата е посветена на старите зимски маскирани обреди во Македонија и во Европа. Преку фотографиите, Митевска ги истражува традициите во кои луѓето, облечени во партали и со маски од слама или животински черепи, носат ѕвона и изведуваат обреди што потекнуваат од далечното минато.
Фотографиите се резултат на долгогодишно истражување на заборавените пејзажи и маскираните традиции во Македонија и во повеќе европски земји. Истражувањето е спроведено преку самостојна теренска работа, како и во рамките на проектот „Echoes of a Forgotten World“, поддржан од програмата UNESCO CC4WBs.
Проектот ги открива невидливите врски меѓу старите обреди од Итурен до Вевчани и од Науса до долината на Соча, покажувајќи дека и географски оддалечените предели често зачувуваат слични траги од исчезнати култури и верувања.
Тијана Митевска е фотографка, режисерка и истражувачка на необичното и несекојдневното. Дипломирала филмска и телевизиска режија на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Работи како независна авторка на документарни и кратки филмови, а паралелно го развива и својот фотографски израз.
Во последните години нејзиниот интерес е насочен кон културното наследство и зимските маскирани ритуали во Македонија и пошироко во Европа, кои ги истражува и ги документира преку фотографија.

Македонски


