
Една од најактуелните македонски кантавторки и уметници, Дина Јашари, на 20 август ќе одржи концерт во Битола, на платото пред Офицерскиот дом, во рамки на програмата на БитФест 2026.
Турнејата започна на 2 јули во Скопје, со настапот на Дина Јашари како предгрупа на Duran Duran во арената „Борис Трајковски“, а продолжи со концертите во Кочани, Виница, Кичево и Струга .
Настапот во Битола доаѓа по период на значајни концертни настапи и признанија за Дина Јашари, како на домашната, така и на регионалната и европската сцена. Во 2025 година, Дина Јашари настапи како предгрупа на британската група Massive Attack, на концертот во Скопје, а во во 2022 беше добитник на регионалната музичка награда „Милан Младеновиќ“ за песната Дома.
На почетокот на годината, Дина Јашари настапи и на Eurosonic Noorderslag (ESNS) во Гронинген, една од најзначајните европски музички платформи за презентација и развој на нови артисти. Настапот на ESNS следуваше по неколку години континуирана концертна активност во Македонија и регионот, со настапи на различни фестивали и сцени низ поранешна Југославија.
Во изминатите четири години, Дина Јашари и нејзиниот бенд постепено изградија препознатлив концертен израз, базиран на авторската музика, интимниот пристап и современиот поп и нео-соул звук. Нејзиниот дебитантски албум „Растенија без корен“ беше одлично примен во Македонија и регионот, дополнително потврдувајќи ја нејзината позиција како една од највпечатливите авторски појави на новата македонска музичка сцена.
На концертот ќе ја придружува нејзиниот долгогодишен бенд, со кој Дина Јашари настапува во изминатите години и со кој го сними својот последен албум, во состав: Лука Тошев – гитара, Андреа Мирческа – бас и Драган Теодосиев – тапани.
Со оваа турнеја, Дина Јашари за првпат во поконцентриран формат го носи својот актуелен концертен репертоар низ повеќе македонски градови. По настапите на големи регионални и европски сцени, ова лето и есен фокусот е повторно ставен на домашната публика и на создавање директен контакт со слушателите низ целата земја.
Концертот се реализира во рамки на програмата на БитФест 2026, со поддршка од Министерството за култура и туризам.

Македонски


