Skip to main content
Катерина Киранџиќ, клинички логопед во ЈЗУ Центар за рехабилитација на патологија на вербална комуникација-Скопје

Разговарајте со детето додека шетате, јадете или читате приказна, тоа е многу важно за развојот на говорот и јазикот

Разговарајте со детето додека шетате, јадете или читате приказна, тоа е многу важно за развојот на говорот и јазикот. Најважно е детето да биде активен учесник во комуникацијата. Важно е детето да има можност да раскажува, да поставува прашања и да кажува што мисли, советува Катерина Киранџиќ, дипломиран клинички логопед, вработена во ЈЗУ Центар за рехабилитација на патологија на вербална комуникација-Скопје.

Во пресрет на новата учебна година со Киранџиќ разговаравме за првачињата и каков е нивниот говор пред тргнување на училиште, каков е нивниот говор пред да влезат во училишните клупи и со кои потешкотии најчесто се среќаваат, каков е нивниот јазичен фонд, кои знаци кај идното прваче треба да им бидат аларм на родителите дека е потребна проценка од логопед, дали денешните деца зборуваат помалку затоа што имаат повеќе што да гледаат, која е најголемата заблуда на родителите за говорниот развој кај децата.

Кога едно дете тргнува во прво одделение, каков говор и јазични способности очекуваме да има? Што би требало да може едно дете на 6–7 години?

КИРАНЏИЌ: На 6–7 години очекуваме детето да има добро развиени комуникациски и јазични способности односно да може јасно, разбирливо и јазично соодветно да се изразува, а другите лесно да го разбираат. Треба да разбира и следи инструкции, да поставува прашања и да одговара на нив, но и да може да раскаже или прераскаже некој настан или кратка приказна. На оваа возраст очекуваме детето да има соодветен речник за возраста и да може да користи граматички оформени и посложени реченици односно да составува подолги и правилни реченици. Од аспект на подготовката за училиште, многу значајни се и предчитачките вештини – препознавање рима, слогови и гласови во зборовите, односно развивање на фонолошката свест. За успешен старт во училиште е многу важно како разбира, како се изразува и дали може јазикот активно да го користи за комуникација и учење.

Од Вашето професионално искуство, со каков говор денес децата најчесто влегуваат во училиште? Дали забележувате повеќе потешкотии отколку порано?

КИРАНЏИЌ: Од моето професионално искуство, забележувам дека кај одреден број деца постојат потешкотии кои не се секогаш очигледни на прв поглед. Детето може да зборува и да комуницира, но при подетална проценка да се покаже дека има посиромашен речник, потешкотии со раскажувањето, разбирањето на посложени инструкции или со организирањето на мислите во реченица. Кај дел од децата, пак, говорот е добро развиен, но остануваат одредени артикулациски потешкотии, односно неправилен изговор на одредени гласови. Мислам дека денес сме и посензитивни кон овие проблеми и родителите повеќе ги препознаваат и бараат стручна помош. Но, секако, начинот на кој децата растат и комуницираат денес е различен од порано и тоа има големо влијание.

Киранџиќ: За успешен старт во училиште е многу важно како разбира, како се изразува и дали може јазикот активно да го користи за комуникација и учење / Фото: приватна архива

Кои се најчестите говорни проблеми кај првачињата? Дали станува збор за неправилно изговарање на гласови, сиромашен речник, тешкотии со раскажување, разбирање или нешто друго?

КИРАНЏИЌ: Најчесто се среќаваме со неправилен изговор на одредени гласови, но кај првачињата не би се задржала само на артикулацијата. Кај дел од децата може да се сретнат и фонолошки тешкотии, односно потешкотии во организирањето и употребата на гласовниот систем на јазикот. Одделно, кај некои деца може да се забележат тешкотии во фонолошката свест – на пример, препознавање рима, слогување, издвојување или препознавање гласови во зборовите. Исто така може да имаат посиромашен речник, потешкотии при составување подолги и граматички правилни реченици, раскажување и прераскажување.

Понекогаш детето знае што сака да каже, но му е тешко да ја организира мислата и да ја пренесе со зборови. Кај некои деца може да забележиме и потешкотии со разбирањето и следењето посложени вербални инструкции.

Понекогаш родителот доаѓа поради еден глас што детето не го изговара правилно, а во текот на проценката ќе забележиме дека има и други јазични или фонолошки тешкотии кои треба да се следат.
Затоа логопедската проценка треба да биде поширока, не е доволно само да провериме дали детето правилно ги изговара гласовите, туку треба да видиме како функционира неговиот јазик, разбирање и комуникација.

Дали кај децата кои имаат проблем со изговорот подоцна почесто се јавуваат и тешкотии со читањето, пишувањето или правописот?

КИРАНЏИЌ: Тука би направила една важна разлика. Дете кое има артикулациски проблем, не значи дека подоцна ќе има проблем со читањето или пишувањето. Но, доколку покрај изговорот постојат и фонолошки потешкотии – на пример, детето потешко ги разликува гласовите, тешко ги издвојува гласовите во зборот или препознавање почетен или завршен глас во зборот и слично – тогаш треба да обрнеме поголемо внимание, бидејќи зборуваме за вештини кои се директно важни за описменувањето.
Фонолошката свест е многу важна основа за развојот на учењето, читањето и пишувањето, па затоа кај овие деца е корисно навремено да се направи проценка и да се следи развојот на предчитачките вештини.

Како стојат денешните првачиња во споредба со децата од претходните генерации? Дали навистина има промена во нивниот говорен и јазичен развој?

КИРАНЏИЌ: Денешните деца растат во значително поинакво комуникациско опкружување, односно поинаков е начинот на кој децата комуницираат и поминуваат слободно време. Децаата денес имаат многу повеќе дигитални содржини и многу повеќе стимулации, но тоа не значи дека имаат и повеќе можности за вистинска комуникација.

Она што е променето е начинот на кој децата го поминуваат слободното време. Имаат повеќе дигитални содржини, повеќе време пред екрани и кај дел од нив, помалку време за непосредна игра, разговор и читање со возрасните.

Говорот се развива во интеракција. Детето треба не само да слуша, туку и да зборува, да прашува, да раскаже, да погреши и повторно да се обиде односно да комуницира со другите. Затоа сметам дека намалувањето на непосредната комуникација, помалку заедничка игра и читање, како и прекумерната употреба на екрани можат да бидат фактори кои влијаат врз говорно-јазичниот развој.

Киранџиќ: Дете кое има артикулациски проблем, не значи дека подоцна ќе има проблем со читањето или пишувањето / Фото: приватна архива

Ако има промена, што според Вас најмногу влијае врз неа? Екраните, помалку разговор со родителите, променетиот начин на игра, помалку читање приказни?

КИРАНЏИЌ: Не би издвојувала една единствена причина. Развојот на говорот и јазикот зависи од повеќе фактори, а меѓу нив се и квалитетот и количината на комуникација што детето ја има во секојдневието. Екраните можат да бидат еден од факторите, особено ако заземаат голем дел од времето кое инаку би било посветено на разговор, игра, читање и дружење. Значи, не би кажала дека секој екран е штетен, туку дека е важно да постои баланс и детето да има доволно можности активно да го користи јазикот. Од логопедски аспект, за мене е особено важно детето да има интеракција со возрасните и со другите деца, бидејќи токму преку таквата интеракција јазикот постојано се збогатува.

Колку времето поминато пред телефон, таблет и телевизор може да влијае врз развојот на говорот и јазикот?

КИРАНЏИЌ: Времето пред екран може да има влијание, особено кога е прекумерно и кога ги заменува активностите во кои детето треба да комуницира. Говорот се развива со комуникација, а не се развива само со слушање зборови. Детето треба да има можност да одговори, да постави прашање, да опише, да објасни и да раскаже. Самото слушање зборови од телевизор или телефон не е доволно. Квалитетот на содржината, возраста на детето и особено вклученоста на родителот се исто така важни. Ако детето гледа некоја содржина, а потоа родителот разговара со него за тоа што го гледало, поставува прашања и го поттикнува да раскажува, детето повторно добива можност активно да го користи јазикот. Затоа не би рекла дека секој екран е штетен, туку дека треба да има мерка и детето да има доволно време за вистинска комуникација.

Дали забележувате дека децата денес имаат помал фонд на зборови или потешко се изразуваат со реченици?

КИРАНЏИЌ: Кај дел од децата забележуваме дека имаат потешкотии со активниот речник и со јазичното изразување.Тоа најчесто го устнуваме кога ќе побараме од детето да раскаже нешто, да опише слика или да прераскаже приказна. Понекогаш родителот ќе каже: „Моето дете зборува цел ден“, но во логопедската проценка гледаме дека детето можеби зборува многу, но користи пократки и поедноставни реченици или потешко ја организира приказната. Затоа не е важно само колку зборува детето, туку и како го користи јазикот – каков му е речникот, како ги поврзува зборовите, колку разбира и дали може јасно да ја пренесе својата мисла.
Кај дел од децата го забележуваме тоа. Понекогаш детето знае што сака да каже, но тешко наоѓа соодветни зборови или не може убаво да ја состави реченицата. Најчесто се среќава кај децата од билингвална средина каде се користат повеќе јазици.

Понекогаш детето знае што сака да каже, но тешко наоѓа соодветни зборови или не може убаво да ја состави реченицата. Најчесто се среќава кај децата од билингвална средина каде се користат повеќе јазици, вели Киранџиќ

Кои знаци кај идното прваче треба да им бидат аларм на родителите дека е потребна проценка од логопед?

КИРАНЏИЌ: Родителите треба да обрнат внимание ако детето е тешко разбирливо, ако има неправилен изговор на повеќе гласови, тешко следи вербални инструкции или има потешкотии во раскажувањето и прераскажувањето. Исто така, би било добро да се побара проценка ако детето има ограничен речник во однос на возраста или покажува потешкотии со римување, слогување и препознавање на гласовите во зборовите. Не треба да се чека проблемот да стане поголем .Ако родителот има дилема, најдобро е да побара совет и да провери дали детето се развива соодветно за возраста односно да се направи логопедска прценка.

Дали е доцна ако родителот првпат го однесе детето на логопед непосредно пред почетокот на прво одделение?

КИРАНЏИЌ: Не, не е доцна. И пред почетокот на училиштето може многу да се направи. Секако, колку порано ќе се забележи проблемот, толку повеќе време имаме за работа особено ако и родителот е вклучен во процесот. Важно е да се процени на што точно треба да се работи и да се постават реални цели. Најважно е да не се игнорира проблемот и да не се чека да се појават тешкотии со читањето и пишувањето.

Колку раната интервенција може да направи разлика? Што може да се постигне со логопедска терапија пред детето да седне во училишната клупа?

КИРАНЏИЌ: Раната интервенција може многу да помогне. Ако навреме почнеме да работиме, можеме да му помогнеме на детето подобро да ги развие изговорот, речникот, разбирањето и раскажувањето. Целта не е само детето „убаво да зборува“, туку да има добра основа за комуникација и за понатамошно учење.Особено е важно пред училиштето да ги препознаеме оние тешкотии кои би можеле подоцна да влијаат врз читањето и пишувањето. Во зависност од потребите на детето, можеме да работиме на артикулацијата, фонолошкиот развој, збогатување на речникот, граматичкото изразување, разбирањето, раскажување и фонолошката свест.

Ако навреме почнеме да работиме, можеме да му помогнеме на детето подобро да ги развие изговорот, речникот, разбирањето и раскажувањето, вели Киранџиќ

Дали родителите понекогаш имаат преголеми очекувања од децата пред да тргнат на училиште? Што е реално да очекуваме од едно прваче?

КИРАНЏИЌ: Да, понекогаш родителите имаат високи очекувања,особено околу читањето и пишувањето. Сакаат детето пред да тргне во прво одделение веќе да знае букви, да чита, да пишува и слично. Секако, убаво е детето да има интерес и одредени предзнаења, но јас би ставила поголем акцент на неговата комуникациска и јазична подготвеност. Да може да слуша, да разбира, да следи инструкција, да раскажува, да поставува прашања и да ги изразува своите мисли.Тоа се многу важни основи врз кои потоа се гради училишното знаење.

Дали денешните деца зборуваат помалку затоа што имаат повеќе што да гледаат?

КИРАНЏИЌ: Кај дел од децата мислам дека проблемот е што имаат помалку ситуации во кои навистина мораат да зборуваат. Денес има многу содржини кои го окупираат вниманието на детето, но тоа не значи дека детето активно комуницира. Едно е детето да гледа цртан филм, а сосема друго е да му читаме приказна и потоа да разговараме:„Што се случи? Зошто? Што мислиш дека ќе се случи понатаму? Во вториот случај детето активно го користи јазикот.Затоа не би рекла дека секој екран е проблем. Прашањето е дали детето покрај тоа има доволно разговор, игра читање и директна интеракција со возрасните и со други деца.Токму ваквата интеракција е важен дел од јазичниот развој.

Ако треба да издвоите една работа што родителите треба да ја направат секојдневно за подобар говорен развој на детето, која би била?

КИРАНЏИЌ: Да разговараат со своето дете. Тоа би го издвоиле како најважна работа. Не мора да биде некоја посебна вежба. Може да разговараат додека се шетаат, додека играат, додека јадат или додека читаат приказна. Важно е детето да има можност да раскажува, да поставува прашања и да кажува што мисли. Таквите секојдневни разговори се многу важни за развојот на говорот и јазикот. Најважно е детето да биде активен учесник во комуникацијата.

Секое дете има свое темпо на развој и не треба веднаш да се плашиме ако нешто отстапува

И конечно, која е најголемата заблуда на родителите за говорниот развој кај децата?

КИРАНЏИЌ: Можеби една од најчестите заблуди е дека „ќе помине само од себе“. Секое дете има свое темпо на развој и не треба веднаш да се плашиме ако нешто отстапува. Но, ако одредена тешкотија трае или родителот забележува дека детето не напредува, добро е да се побара стручно мислење. Логопедската проценка не значи дека детето има сериозен проблем. Понекогаш проценката само ќе потврди дека развојот е во ред, а доколку има потреба од помош, подобро е да се реагира навреме отколку да се чека детето да тргне на училиште и тогаш проблемот да стане поочигледен.

Разговараше: Александра М. Бундалевска

фото: Приватна архива

Поврзани вести