Skip to main content

Најмладиот заразен со западнонилска треска во Македонија има 25 години

Magnific

Најмладиот хоспитализиран пациент со невроинвазивна форма на западнонилска треска во земјава има 25 години и се наоѓа во стабилна здравствена состојба, додека викендов е регистриран трет смртен случај кај 61-годишен пациент со сериозни придружни заболувања.

Досега во државава лабораториски се потврдени 35 случаи на вирусот, а за уште тројца суспектни се чекаат резултатите од дијагностиката.

На Клиниката за инфективни болести во моментов се лекуваат 16 пациенти, од кои шестмина се во критична состојба. Директорот на Клиниката, Фадил Цана, соопшти детали за нивната возраст и состојба:

Овие шестмина кои се во критична состојба и се лекуваат во Одделот за интензивна нега се на возраст над 60, но кај инфицирани пациенти со невроинвазивна форма, најмладиот пациент кој е хоспитализиран е 25-годишен, но е во стабилна здравствена состојба и е во Одделот за невроинфекција“, соопшти Цана.

Тој објасни дека околу 1 отсто од заболените развиваат невроинвазивна форма со симптоми како висока температура, силна главоболка, закочен врат и дезориентираност.

Министерот за здравство Сашо Клековски информираше дека за состојбата се известени сите инфективни одделенија и матични лекари, а мерките се насочуваат според местото на заразување.

Инкубацијата на вирусот е 3 до 14 дена. Сите пациенти се со епидемиолошка анкета и се лоцира дали патувале во странство, дали патувале надвор од местото на живеење внатре во земјата, и каде се движеле. Има луѓе со урбани адреси, но имале и викендичка, и најверојатно во тој период престојувале на овие места, така што во основа сите мерки се насочуваат таму каде што е најверојатното место на заразување. Една од мерките е лична заштита од убоди од комарци, и отстранување на застоена вода во дворови или непосредна околина. Општините каде што е прогласена епидемија сите ќе добијат и СМС пораки со насоки за постапување изработени од Институтот за јавно здравје кои веќе се комуницираат“, кажа Клековски.

Здравствените власти ставаат посебен фокус на таргетирано прскање против комарци од земја, откако ДСЗИ изврши проверки во сите скопски општини.

Сметаме дека поефективно е таргетирано прскање, отколку со аеро. Аеропрскањата ќе се прават согласно плановите“, рече Клековски, додавајќи дека сите препарати се одобрени од СЗО.

Министерот предупреди на зголемена претпазливост при користењето на водените површини и базените во текот на август и септември, кога епидемиите го достигнуваат врвот. Покрај ова, се врши мониторинг и врз дивите птици и живината, при што граѓаните се повикуваат да пријавуваат евентуални угинат птици до АХВ.

Поврзани вести