Skip to main content

Николоски: Оваа година Македонија ќе биде број еден со економски раст во регионот

Македонија во 2025 година ќе биде број еден со економски раст во регионот. Тоа се должи на добрите економски политики што ги води Владата, а тие се во корелација со политиките што ги преземаме за сузбивање на корупцијата и криминалот, истакна вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски. 

Како што информира Министерството за транспорт, Николоски додаде дека македонската дијаспора има големо влијание врз домашната економија. Истакна дека сите заинтересирани се добредојдени да инвестираат со цел да и помогнат на државата.

Како потпретседател на Владата, ги знам економските текови и ние со ова производство и овие даноци кои што ги имаме дома, не можеме да направиме некој квантен скок во развојот и не можеме да направиме некои гигантски чекори, затоа што немаме доволно финансии. Единствениот начин да ги обезбедиме тие финансии е да соработуваме со големи групации, да имаме со нив добри односи и на тој начин да ја градиме соработката, затоа што голем прилив на свеж капитал ние не можеме да генерираме од домашното стопанство. Но, прилив на свеж капитал ќе значи заживување на домашното стопанство, изјави Николоски во синоќешното гостување на ТВ Алфа.

Врз растот на економијата, потенцираше вицепремиерот, огромно влијание има и борбата против корупцијата, процес кој веќе успешно се спроведува со смена на власта. 

Ова е прва Влада која еве седум месеци нема ниту една корупциска афера, што не е мала работа, а имуноста на корупција ќе ги носи добрите економски резултати, затоа што бизнисот сака средина која што не е корумпирана, а во таа насока тоа треба да биде следено со активност на судството и обвинителството, каде што претходните корумпирани ќе одговараат. Се надевам ќе бидат многу поактивни од тоа што се сега, истакна Николоски, кој порача дека одговорност мора да има и не смее повеќе да има неказнивост во земјава. 

Поврзани вести