
Празни улици, затворени продавници, но и голем број ресторани и кафулиња – атмосфера карактеристична за 15 август во Атина, со оглед на тоа што денешниот празник Успение на Пресвета Богородица, традиционално ја празни грчка метропола, а единствено, живост на градот му даваат туристите, додека целото внимание за прослава и одбележување на празникот е насочено кон островот Тинос.
Во Грција денеска се празнува Успение на Пресвета Богородица, празник со голема духовна, но и семејна тежина за Грците, кои го нарекуваат и „Летен Велигден“ и традиционално го поминуваат далеку од урбаните средини.
Во Атина пак, за центарот на градот да не потсетува целосно на карантинот од периодот на пандемијата на Ковид-19, „задолжени“ се туристите, кои буквално ги преплавија сите туристички локации.
Дописничката на МИА од Атина направи мала обиколка во Атина – Акропол и пошироката околина, плоштадот Синтагма, Плака – се слушаат различни јазици, а најмалку е присутен грчкиот, додека пак по главните булевари, зголемен е бројот на двокатните туристички автобуси за разглед на градот, како и на такси возилата.
Илјадниците туристи уживаат во „празната“ Атина и пријатното време со температура под 30 степени Целзиусови несвојствено за овој период од годината.
Просторот пред грчкиот Парламентот, односно делот кај споменикот на „Незнајниот војник“ е полн со туристи кои уживаат и се фотографираат со војниците од претседателската гарда, особено за време на промена на стражата.
– И кај нас 15 август е неработен ден и ние Италијанците овој период ги користиме годишните одмори, така што тоа што е Атина празна, не е нешто чудно за нас, но е убаво. Порелаксирано, а и времето е совршено, велат италијански туристи.
За голем број од туристите, Атина е само попатна станица до некој од грчките острови каде што ќе го поминат нивниот одмор.
Од друга страна, мало оддалечување од центарот на градот и сликата веднаш се менува – мал број возила по улиците, затворени продавници (со оглед на тоа што е неработен ден), затворени кафулиња и ресторани и сè помала раздвиженост со сè помалку и помалку луѓе.
Грците, најчесто летниот одмор го планираат во периодот околу денешниот празник, па затоа доста често, деновите пред и по 15 август голем број од малите бизниси, кафулиња, ресторани, таверни, ноќни клубови, фризерски и козметички салони, приватни лекарски ординации одлучуваат да затворат со колективни одмори.

Во изминатите денови зголемен беше патничкиот сообраќај и од атинските пристаништа со Грци и туристи кои заминуваат за островите и на главните грчки автопатишта, со оглед на тоа што деновите околу празникот многумина ги поврзуваат со летните одмори.

Меѓутоа, силниот ветер на оние кои планираа да патуваат претпладнево им ги расипа плановите, со оглед на тоа што до 13 часот по локално време имаше целосна забрана за пловидба од двете атински пристаништа Рафина и Лаврио и забрана за дел од траектите од најголемото грчко пристаниште во Пиереас.

Тинос-центарот на денешните прослави
Без разлика дали се на одмори или не, традиционално, Грците, 15 август што е еден од најголемите православни празници, го поминуваат далеку од урбаните средини – на туристичките места низ целата земја, во нивните села, на островите, а „центарот“ денеска е островот Тинос, поради црквата посветена на Пресвета Богородица и чудотворната икона, за која се верува дека има исцелителна моќ и пред која илјадници верници се поклонуваат, за да остават заветен дар, познат во Грција како „тама“, најчесто за здравје.

Црквата Пресвета Богородица Евангелистрија (Благовестителка) е дел од голем црковен комплекс што се издига над главниот град на островот, во светиот храм е чудотворната икона, а голем дел од верниците во текот на целата година на коленици стигнуваат во внатрешноста, некои тргнувајќи уште од пристаништето, традиција и обичај најизразени токму на 15 август.

Дописничката на МИА од Атина минатиот месец го посети токму Тинос, мештаните Пресвета Богородица ја сметаат за нивна заштитничка, островот е директно поврзан со неа, а црквата доста често се нарекува Богородица на Тинос.
На точно еден месец пред големиот празник, подготовките беа во полн ек, иако многумина од локалното населени, но и протопрезвитерот Георгиос Фанерос, генералниот архијерејски намесник на Светиот остров Тинос, тогаш за МИА посочија дека секогаш се подготвени, бидејќи за нив „секој ден е 15 август“, со оглед на тоа што во текот на целата година илјадници верници приситгнуваат на островот за да се поклонат пред чудотворната икона.
Прослаата на празникот на Тинос започна во четвртокот со низа настани што кулмирааат денеска со свечена литургија и литија со светата икона на Богородица, а беше положен и венец во морето каде што токму на 15 август, за време на прославата на празникот, во 1940 беше торпедиран грчки воен брод „Ели“ од италијанска подморница, при што загинале деветмина членови на екишпажот, а биле повредени 24 лица.
Грчката Влада, на Тинос ја претставуваше министерот за надворешни работи Јоргос Герапетритис кој присуствуваше не настаните и положи венец во знак на почит и сеќавање на деветмината загинати во нападот
Верниците денеска ги посетуваат црквите и манастирите, особено оние посветени на Пресвета Богородица, а најчесто вниманието е насочено кон островите, каде што има карактеристични обичаи за денешниот ден.
Парос и „островот на православието“ Патмос се исто така популарни дестинации, додека пак на Кефалонија, во близина на селото Маркопуло, се верува дека секоја година на 15 август, на куполата на црквата се појавуваат мали, безопасни змии, кои како што пишуваат медиумите во Грција, според легендата, тоа се монахињите од стар манастир што постоел во областа, кои, за да не паднат во рацете на пирати, ја молеле Богородица да ги претвори во змии.
Во вечерните часови, на многу грчки острови се организираат т.н. панаѓури, односно прослави на отворено со традиционална грчка народна музика.
Мицотакис: Денеска нашите мисли се со оние кои секојдневно се борат со пожарите
Денешниот празник, грчките политичари најчесто го поврзуваат и со нивните одмори и го поминуваат далеку од големите градови.
Премиерот на Грција Кирјакос Мицотакис е на островот Крит во градот Ханија, од каде што е неговото потекло, додека пак грчкиот претседател Константинос Тасулас е во Кастанија во северна Грција, а и двајцата утрово присуствува на свечена литургија.

Мицотакис посочи дека празникот секогаш е можност за „размислување и потрага по вистинската сила што ни ја дава нашата вера, за да можеме да ги надминеме сите тешкотии, без разлика дали се лични или се однесуваат на земјата во целина“.
– Но, денеска нашите мисли треба да бидат со оние кои секојдневно водат битка со летните пожари: нашите пожарникари, волонтерите, припадниците на армијата и локалната самоуправа. И оваа година ја водат оваа тешка битка против климатската криза и нè потсетуваат дека за нив нема празници, нема неработни денови. Секојдневно се посветени на нивната должност. Но, денеска не е ден за многу зборови. Туку е можност да поминеме неколку мирни моменти со луѓето кои ги сакаме, да кажеме големо благодарам за сè што ни дал Бог и да собереме сила за секој од нас да продолжи со својата секојдневна борба, порача Мицотакис
МИА

Македонски


