
Во пожарот што во четвртокот го зафати поширокиот регион на Сивири на првиот крак на Халкидики, вкупната опожарена површина изнесува 248 хектари, според податоците од европската програма „Коперникус“, врз основа на снимката направена вчера во 18 часот, јави дописничката на МИА од Атина.
Од зафатената површина, според информациите од Министерството за климатска криза и цивилна заштита на Грција, шумската површина е нешто повеќе од половина, односно околу 140 хектари, а останато е трева и грмушки, т.т. вегетација што се очекува природно да се обнови во текот на есенскиот период.
Во однос на денешната оперативна состојба, според истите информации, 11 пожари од претходните денови и натаму се под надзор и припадниците на противпожарната служба остануваат на терен, но без да постојат некакви проблеми.
Пожарот беше во шумскиот дел над Сивири и не го зафати грчкото туристичко место, меѓутоа превентивно беа евакуирани жителите и посетителите, додека пак од вчера е целосно изгасен.

Македонски


