
Големата порота во округот Лос Анџелес поднесе обвинение против Ник Рајнер (32) за убиство на неговите родители, режисерот и актер Роб Рајнер и неговата сопруга Мишел Сингер Рајнер, со навод дека ги чекал во заседа пред нападот.
Можноста дека Рајнер ги чекал во заседа пред да ги убие своите родители би можела да биде важна за утврдување на предумислата, пренесе „ABC News“.
Доколку биде осуден за убиство со ова обвинение, би можел да биде кандидат за смртна казна, но обвинителството сè уште не одлучило дали ќе ја бара.
„Ова беше длабоко предавство извршено од некој кого тие го сакале и кому му верувале“, изјави окружниот обвинител Нејтан Хохман.
Во обвинението не е наведен мотивот, ниту е објаснето на кој начин Рајнер наводно ги чекал родителите во заседа.
Обвинителството навело и употреба на смртоносно оружје, односно нож, што би можело да влијае врз висината на казната.
Рајнер моментално се наоѓа во притвор и преку судот се обидува да добие пристап до средства од фондот што неговите родители го основале за него.
Според судските документи, во фондот има најмалку 1,5 милиони долари. Тој тврди дека парите му се потребни за финансирање на неговата одбрана.
Роб Рајнер и Мишел Сингер Рајнер бea пронајдени мртви во нивниот дом во населбата Брентвуд во Лос Анџелес на 14 декември, 2025 година.
Според обвинителството, двајцата биле убиени со нож. Ник Рајнер беше уапсен неколку часа подоцна и обвинет два дена по убиството.
Роб Рајнер беше познат како актер и режисер, а ги режираше филмовите „Неколку добри луѓе“ и „Кога Хари ја запозна Сали“.

Македонски


