Skip to main content

Се продлабочува кризата меѓу Србија и Хрватска: Протестна нота до Србија поради апсење на 5 хрватски државјанки и ревидирање на препораката за патување на хрвтаските граѓани во Србија

Хрватска ќе испрати протестна нота до Србија поради вчерашното апсење на 5 хрватски државјанки во Белград, ќе ја информира Европската Комисија за сè и ќе ја ревидира препораката за патување на хрватските граѓани во соседната земја, соопшти денеска хрватскиот министер за надворешни работи Гордан Грлиќ Радман.

– Ќе испратиме протестна нота, ќе ја информираме делегацијата на Европската Унија во Белград за постапките на српските власти и за нивното однесување кое ги доведе хрватските граѓани во понижувачка положба – изјави Грлиќ Радман на новинарите во Давос, пренесе агенцијата Хина.

Тој најави неколку мерки против Србија, велејќи дека Хрватска ќе ги собере „сите случаи на малтретирање на хрватски граѓани“.

– Ќе ја информираме Европската Комисија и полското претседателство за ова и, се разбира, ќе ја ревидираме препораката за патување на хрватските граѓани во Србија – рече министерот.

Тој објасни дека препораката на МНР за патување во Србија ќе биде изменета со цел заштита и безбедност на Хрватите.

– Колку што гледам, безбедноста е под знак прашање – оцени Грлиќ Радман.

Тој рече дека хрватските државјанки биле на работилница на Ерсте банка и биле „приведени без никакво објаснување“. Додаде дека има информации дека истото им се случило и на романски и на ирски државјани.

Според него, хрватските државјанки се вратиле во земјата со целосна поддршка од Амбасадата на Република Хрватска во Белград.

Јутарњи лист денеска пишува дека полицајци во цивилна облека вчера упаднале во хотел во Белград, извадиле пет Хрватки, ги испрашувале цела ноќ, а утринава ги депортирале.

Претставничките на невладините организации кои учествуваа на работилниците на Ерсте Фондација во Белград, поминаа добар дел од ноќта со белградската полиција, која на крајот ги протера од Србија и им забрани влез во земјата на една година, пишува Јутарњи лист.

Во решението кое им е издадено како причина за депортација е наведена „заштита на безбедноста на Република Србија и нејзините граѓани“.

Поврзани вести