
Состојбата со пожарите на отворен простор денеска значително се влоши. Попладнево имавме најмалку 21 пожар на отворен простор од кои поголем дел во моментов се активни, оцени попладнево директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) Стојанче Ангелов.
Тој како еден од пожарите кои се тешки за гасење го издвои пожарот на територијата на општината Македонски Брод во местото викано Видуш во близина на село Драгов.
Утре наутро таму упатуваме модул на ДЗС составен од доброволни пожарникари кои имаат специјална обука за гасење на шумски пожари, изјави Ангелов и додаде дека со пожарот не е зафатена квалитетна шума, туку гори карпест предел со грмушки, трње и сува трева на терен кој е исклучително тежок за движење.
Тешки пожари, како што кажа, има и на територијата на општина Студеничани над село Моране, каде дејствуват три „ер трактори“ кои се уште се на терен. На местото на настанот се и скопските пожарникари со поддршка на четири тимови на ДЗС со пинцгауери.
Активен пожар има и на територијата на општина Зелениково над село Страхојадица кеде и пред неколку години имаше тежок пожар. Тежок пожар имаме и во општина Кичево над село Манастирско Долненци што се заканува на локалниот манастир. Верувам дека локалните пожарникари ќе успеат да го спречат огнот да го зафати манаситрот. Таму утре изутрина ќе упатиме дополнително заислување – посочи Ангелов.
Нагласи дека е многу лоша и состојбата во Полошкиот Регион каде, како што рече, има информации за намерно подметнати повеќе пожари.
Еден од пожарите се наоѓа на територијата на општина Јегуновце во атарот на село Копанце каде гори шума и ниска вегетација. Вториот е на територијата на општина Тетово во атарот на село Џепчиште каде гори ниска вегетација. Третиот е на територијата на општина Теарце во атарот на село Пршовце каде гори ниска вегетација. Четвртиот е во општина Желино, село Чифлик каде гори ниска вегетација и мешана шума – прецизира Ангелов.
Активни пожари, додаде, има и на територијата на општина Прилеп кај село Тополчани каде гори ниска и висока вегетација, на тетриторијата на општина Новаци кај село Маково, тетиоријата на општина Штип кај село Врсаково, и на тетиоријата на општина Битола кај село Драгош.
Има и други активни пожари. Затоа апелирам до граѓаните да бидат исклучително внимателни. Температурите се високи, влажноста на воздухот е ниска со што се исполнети сите услви за појава на пожар. За жал имаме и несовесни граѓани, но и злонамерни граѓани кои во текот на денот се детектирани што значи дека повеќе пожари злонамерно се предизвикани од страна на неколу граѓани – рече Ангелов.

Македонски


