Skip to main content

Ново рочиште за Пулс“: Ќе се распитуваат градежните вештаци

 Со изведување на градежното вештачење на објектот „Пулс“ и распит на вештите лица што го изработиле, денеска во судницата во „Идризово“ треба да продолжи судењето за пожарот во кочанската дискотека, во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.

На минатото рочиште, судскиот вештак и професор на Градежниот факултет при УКИМ, Горан Марковски,  кој во време на изработка на градежното вештачење бил декан на Градежниот факултет, изјави дека градежното вештачење недвосмислено покажало дека во „Пулс”, системот, односно институциите и поединците целосно не функционирале и не биле почитувани ниту стандардите, ниту регулативата, ниту процедурите.

Тимот вештаци од Градежниот факултет, како што рече Марковски, со жалење констатира дека од противпожарна заштита во објектот каде се наоѓала дискотеката „Пулс” биле преземени нула мерки. Прописни излези за евакуација од објектот имало нула, додека според површината на објектот капацитетот на гости бил 363, а критичната вечер имало над 600 посетители.

– Објектот немал каде да дише. Целата температура се задржувала внатре. Ниту една мерка немало преземено која би го олеснила ризикот или ефектите од појавата на пожарот. Напротив одредени мерки само ја мултиплицирале температурата и направиле внатре да биде неподносливо – изјави Марковски.

Тој посочи дека до Градежниот факултет биле доставени материјали да се направи класификација согласно стандардите, при што било констатирано дека имало вграден стрипор, што во најдобар случај може да виде класифициран како нормално горлив материјал и испушта токсичен чад и горливи капки.

– Вториот доставен материјал е тервол или стаклена волна и спаѓа во Класа А2 негорлив материла и е комплетно стабилен до 800 степени целзиусови, не гори и не испушта капки. Од промената на бојата може да се заклучи дека температура во клубот има достигнато минимум 800 степени целзиусови. Како доказ за тоа, ни послужи и тоа што голем дел од челичната конструкција на објектот се извитоперени и деформирани како последица на вака високите температури, а наидовме и на стопени стаклени шишиња што е последица на екстремно високи температури – рече Марковски.

Поврзани вести