
Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска се одложи рочиштето во судскиот процес против 13 полициски службеници обвинети за тешки дела против општата сигурност, поврзани со трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“.
Причината за одложувањето е неприсуството на сведоците предвидени за рочиштето. Како што информираше судот, дел од поканите за сведоците се вратиле како неуредно доставени или со ознака „не барал“, а за други нема доказ дека се примени.
Еден сведок, соопшти обвинителката Спасенка Андонова, телефонски потврдил дека ја примил поканата, но навел дека ќе дојде само доколку обезбеди превоз до Скопје.
Судијката Фанка Јанчулева Михаиловска најави дека за наредното рочиште поканите ќе бидат доставени преку полициска станица. Доколку сведоците повторно не се појават, како што кажа, ќе бидат применети законски механизми – парична казна и присилно доведување. Следното рочиште е закажано за 21 септември.
По денешното рочиште, Драги Стојанов, татко на Панче Стојанов, изрази незадоволство од повторното одложување и упати апел до судот да ги употреби сите механизми.
-Ние препорачуваме судот, и покрај тоа што сведоците не се доведени, уредно да ги покани, да ги повика и да стапи во контакт со нив за да се утврди причината. Ние губиме време, нерви и имаме голем стрес кога доаѓаме тука. Го повикувам судот уредно да ги покани и да ги искористи сите механизми што треба – ако е потребно и со полициска придружба да ги доведе. Можеби некој од сведоците е под закана или не му е дозволено да дојде. Нека се изјаснат. Им препорачуваме на сведоците да дојдат и да ја кажат вистината, да не се плашат и да не подлегнуваат на закани и притисоци -рече тој.
Стојанов истакна и дека семејствата се соочуваат со притисоци од адвокатите, за, како што рече „она што го зборуваме за нив“.
– Адвокатите ни се закануваат дека ќе ни поднесат кривични пријави за тоа што зборуваме за нив. Ќе им препорачаме пред да поднесат кривична пријава да стават прстот на глава и да си размислат, да си ги смениме страните на 10 минути и да размислат како ќе беше ако неговото дете беше тоа. Ако мисли дека со кривични пријави ќе земе пари од мене, до тие ли пари им дојде – рече тој.
Информираше дека во среда ќе се одржи марш по повод една и пол година од трагичниот настан.
-Да дојдат луѓето и да ни дадат поддршка. Со давањето поддршка на нас даваат поддршка на сите да не се случи повторно, кога ќе ги пуштат децата во диско да се вратат безбедни – дополни тој.
Судењето е поврзано со трагичниот пожар што избувна на 16 март во дискотеката „Пулс“ во Кочани, при што загинаа 63 лица, а беа повредени над 200 лица.
Според обвинението, полициските службеници кои биле дежурни биле ангажирани и во дискотеката, но не ја прекинале забавата ниту спречиле користење пиротехника

Македонски

