Skip to main content

Екстремни температури и суша во Англија: Воведени ограничувања за користење вода

Во најголемиот дел од Англија во сила се портокалови предупредувања за опасност по здравјето поради високите температури, додека сушните услови веќе зафатија 71,3 отсто од нејзината територија и засегаа околу 45 милиони луѓе, соопштија британските метеоролошки и здравствени служби.

Агенцијата за здравствена безбедност на Обединетото Кралство (UKHSA) предупреди дека се очекуваат значителни последици врз здравствениот и социјалниот сектор, вклучувајќи и можен пораст на бројот на смртни случаи. Предупредувањата ќе останат во сила до петок навечер.

Температурите во најтоплиот период од овој нов топлотен бран се очекува да достигнат меѓу 30 и 35 степени Целзиусови во голем дел од Англија и Велс. Денеска (вторник) најтопло ќе биде во источен Велс, Мидлендс и во централните делови на јужна Англија, со температури од 27 до 30 степени Целзиусови.

Проширувањето на портокаловиот аларм доаѓа во услови на сè пожешка климатска слика. Националната група за суша соопшти дека 71,3 отсто од Англија е во официјална состојба на суша, а меѓу најновите погодени области се Источен Мидлендс, Линколншир, Нортхемптоншир, Кент, Источен Сасекс, Солент и Саут Даунс. Поради ова, за повеќе од 27 милиони жители веќе се воведени и формални ограничувања во користењето на водата.

Обединетото Кралство со месеци се соочува со невообичаено топло лето, при што температурите речиси цела сезона се над просекот, а повремените ослабувања на жештините ги враќаат вредностите само до нормалниот сезонски просек.

Во поголемиот дел од оваа недела во Англија и Велс речиси и да не се очекуваат врнежи. Првите позначајни дождови за многу региони по речиси два месеца би можеле да пристигнат дури во недела, кога од Атлантикот ќе навлезе поле на низок воздушен притисок со врнежливи фронтови. Сепак, според метеоролозите, засега не се очекува тој дожд да биде особено обилен ниту пак долготраен.

Поврзани вести