Skip to main content

Ново утро нови руски напади врз Киев

Русија извршила нови напади со балистички ракети врз Киев и други поголеми украински градови, соопштија украински претставници. Во нападите во Запорожје загинале најмалку пет лица, а 20 се повредени.

Началникот на регионалната воена управа, Иван Федоров, рано утринава на „Телеграм“ објави дека во Запорожје биле погодени индустриски објекти и инфраструктура.

Во Киев, според првичните информации, едно лице е повредено. Градоначалникот Виталиј Кличко соопшти дека во главниот град се слушнале експлозии и ги повика жителите да останат во засолништата додека итните служби интервенираат на терен.

Украинскиот весник „Киев Индипендент“ извести дека Русија извршила уште еден напад со балистички ракети, а украинските воздухопловни сили објавиле предупредување дека руски ракети се движат кон градовите Суми, Харков и Чернигов.

По повеќе од четири години војна, Украина се соочува со недостиг од ракети-пресретнувачи за противвоздушна одбрана, што и овозможува на Русија да ја интензивира употребата на балистички ракети против Киев и други градови.

Американските системи „Патриот“ се сметаат за едни од најефикасните средства за одбрана од балистички ракети што, поради големата брзина, особено тешко се пресретнуваат.

Украина располага со неколку системи од типот „Патриот“, но нема доволно ракети-пресретнувачи. Украинските власти стравуваат дека Русија во текот на претстојната зима повторно би можела со ракетни напади сериозно да ја оштети инфраструктурата на земјата и дополнително да ги влоши животните услови на милиони Украинци. 

Поврзани вести