Skip to main content

Од Охрид вечерва започнува големото патување на „Силно светнал ден“: Игор Џамбазов и повеќе од 30 изведувачи ќе ја раскажат приказната за Македонија

Во недела, 9 август, стадионот „Билјанини Извори“ станува сцена на која Игор Џамбазов и повеќе од 30 македонски изведувачи ќе ја раскажат приказната за Македонија низ музика, театар, поезија и современ сценски израз. Влезот е слободен.

Од Охрид започнува големото патување на „Силно светнал ден“, музичко-сценскиот спектакл создаден по повод 35 години независност на Македонија. Во недела, 9 август, стадионот „Билјанини Извори“ ќе биде првата сцена на проектот кој во следните недели ќе патува низ 11 македонски градови, за својата завршница да ја има на 4 септември во Скопје. Почетокот токму од Охрид носи своја симболика. Град со вековна културна меморија станува почетна точка на современо сценско патување низ приказната на една млада држава низ нејзината музика, литература, луѓе, успеси, загуби, пресврти и генерации.

Во центарот на „Силно светнал ден“, во режија на Дејан Пројковски, е Игор Џамбазов, како главен лик, домаќин и раскажувач кој ја води публиката низ различните времиња и генерации. Сценариото започнува со едно навидум едноставно прашање: како се пишува песна за Македонија? Од тој генерациски музички предизвик се отвора патување низ македонската културна и колективна меморија – од Блаже Конески, Кочо Рацин, Крсте Петков Мисирков и Гоце Делчев, преку македонската книжевност и големите музички рефрени, до хип-хопот, новите генерации и младите луѓе на кои им припаѓа иднината.

На сцената во Охрид ќе настапат Тамара Тодевска, Пере Нокаут, Игор Дурловски, Пеце Суперхикс, Бојана Скендеровски, Бранко Николовски, Зуица Лазова, Александар Тарабунов, Полина Тасева, Бојан Стојков, Миле Кузмановски, Огнен Здравковски, Дорис Димовска, Андријана Јаневска, Елена Ристевска, Ана Дурловска, Ана Петановска, Драган Мијалковски, Димитар Андоновски, Дарко Гроздановски, Ружица Брчиоска, Таско, Next Time, Тони Зен, Young Dadi, Лина Пејовска, Марија Спасовска и Мина Блажев. Нивните различни генерации, жанрови и музички јазици се дел од самата идеја на спектаклот: 35 години да не бидат претставени како хронологија, туку како жива приказна во која минатото разговара со сегашноста. „Силно светнал ден“ ги спојува театарот, музиката, поезијата, современиот танц и визуелниот израз во голема продукција на отворено.

Наместо класична прослава на јубилеј, спектаклот се обидува да постави и потешки прашања: што направивме во овие 35 години, што наследивме, каде погрешивме, со што се гордееме и каква земја им оставаме на генерациите што доаѓаат. Токму младите ја носат една од клучните линии на претставата. Во сценариото, по разговорот за минатото и независноста, доаѓа прашањето за иднината и за „децата на Македонија“ младите кои денес освојуваат медали, создаваат, истражуваат, студираат, спортуваат и ја носат својата земја со себе каде и да одат. Финалната порака затоа не останува во минатото. Таа им го предава светот на новите генерации.

Охрид е првата станица. Програмата на стадионот „Билјанини Извори“ започнува во 19:30 часот со DJ сет, а официјалниот музичко-сценски спектакл започнува во 20:30 часот. Влезот е слободен.

По Охрид, „Силно светнал ден“ го продолжува своето патување низ Македонија. Единаесет градови. Триесет и пет години. Една приказна што сè уште ја пишуваме.

Поврзани вести