
Не никаква новина податокот дека во новата учебна година во Македонија ќе има илјадници помалку првачиња од минатата година. Не е ниту податок за изненадување. Тој е само првата јасно видлива последица на процес што статистиката го бележи со години – континуираниот пад на наталитетот. Деновиве интензивно се зборува за информацијата дека во училиштата ќе седнат значително помалку првачиња. Но бројките покажуваат дека ваквиот развој можел да се предвиди уште пред речиси една деценија.
Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2016 година во Македонија биле родени 23.002 деца. Само три години подоцна бројот паднал под 20.000, односно на 19.845 живородени деца, а веќе во 2020 година изнесувал 19.031. Трендот не само што не запрел, туку продолжил да се забрзува. Во 2022 година биле родени 18.183 деца, во 2023 година 16.737, во 2024 година 16.153, а во 2025 година 15.850.
За само девет години Македонија бележи намалување од 7.152 новороденчиња годишно, што претставува пад од околу 31 проценти.
Кога бројките од породилиштата ќе стигнат во училиштата
Демографските промени секогаш имаат одложено дејство. Денес во прво одделение седнуваат децата што се родиле пред шест години. Затоа секој пад на наталитетот по неколку години неизбежно се пресликува и во образовниот систем.
Токму тоа се случува сега.
Во учебната 2016/2017 година во прво одделение биле запишани 23.266 ученици, според податоците на Државниот завод за статистика. Осум години подоцна, во учебната 2024/2025 година, бројот на првачиња изнесувал 19.452, а во 2025/2026 дополнително се намалил на 17.921.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска деновиве соопшти дека годинава се очекуваат уште помалку првачиња. Иако конечната бројка ќе биде позната по завршувањето на сите уписни рокови, според нејзината проценка и во најоптимистичкото сценарио ќе има најмалку 3.000 првачиња помалку од минатата година. Процесот што со години беше видлив само во статистиката за наталитетот, денес веќе директно се гледа во училишните клупи.
Помали генерации, помалку ученици
Промената не се однесува само на учениците што првпат влегуваат во училиште.Податоците покажуваат дека се намалува и вкупниот број ученици во основното образование. Во учебната 2024/2025 година во основните училишта имало 180.627 ученици, а веќе следната година нивниот број се намалил на 174.040. Само за една учебна година основните училишта останале без 6.587 ученици.
Дел од ова намалување е последица на помали генерации, но демографската слика ја дополнува и иселувањето на младите семејства, процес кој дополнително го намалува бројот на ученици.
Последиците нема да останат само во образованието
Она што денес се случува во училиштата, за десетина години ќе се почувствува и на пазарот на трудот. Помал број ученици значи помал број матуранти, студенти и млади луѓе кои ќе влегуваат во работен однос. Во услови кога стопанството веќе предупредува на недостиг од работна сила, ваквите демографски движења дополнително ќе го зголемат притисокот врз економијата.
Истовремено, долгорочно ќе се отвори и прашањето за одржливоста на пензискиот систем. Со намалување на бројот на работоспособното население ќе се намалува и бројот на луѓе кои ќе уплаќаат придонеси, додека населението продолжува да старее.
Информацијата за помалку првачиња затоа не треба да се гледа само како образовна статистика. Таа е првиот јасно видлив сигнал дека демографските промени, за кои со години предупредуваа статистичарите, веќе директно влијаат врз функционирањето на институциите.
Она што пред девет години беше бројка во породилиштата, денес е бројка во училиштата. Ако сегашните трендови продолжат, истите генерации за десетина години ќе станат бројка на универзитетите, а потоа и на пазарот на трудот.
Затоа прашањето за помалку првачиња не е само прашање за образованието. Тоа е показател за идната демографска, економска и развојна слика на Македонија.
Живородени деца
| Година | Број |
|---|---|
| 2016 | 23.002 |
| 2019 | 19.845 |
| 2020 | 19.031 |
| 2022 | 18.183 |
| 2023 | 16.737 |
| 2024 | 16.153 |
| 2025 | 15.850 |
Првачиња
| Учебна година | Број |
|---|---|
| 2016/17 | 23.266 |
| 2024/25 | 19.452 |
| 2025/26 | 17.921 |
| 2026/27 | најмалку 3.000 помалку (проценка на МОН) |

Македонски


