Skip to main content

Над 240 случаи на вирусот Западен Нил во Европа, 13 регистрирани во Македонија

magnific

Повеќе од 240 луѓе низ Европа годинава се заразиле со вирусот Западен Нил, покажуваат најновите податоци на Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ECDC). Според неделниот извештај објавен во петокот, од почетокот на сезоната на пренос на вирусот, заклучно со средата, во Европа се регистрирани вкупно 241 случај.

Најмногу случаи има во Италија – 139, а потоа следуваат Грција со 61 случај и Шпанија со 17.

Во Македонија се регистрирани 13 случаи, додека во Романија има шест, во Франција четири, а во Германија е регистриран еден случај.

Кон крајот на минатиот месец, Светската здравствена организација (СЗО) повика на зголемена внимателност по регистрираните случаи на треска Западен Нил во јужна Европа.

Вирусот најчесто се пренесува меѓу комарците и птиците. Меѓутоа, заразен комарец може да го пренесе вирусот и на човек преку убод. Сезоната на пренос најчесто е од јули до септември.

Од германскиот Институт „Роберт Кох“ посочуваат дека повеќето заразени лица воопшто не се свесни дека го имаат вирусот, поради што се претпоставува дека бројот на непријавени случаи е значително поголем.

Во потешки случаи инфекцијата може да го зафати нервниот систем и да предизвика сериозни состојби, меѓу кои воспаление на мозокот (енцефалитис) и менингитис.

За вирусот Западен Нил не постојат вакцина или специфичен лек, па третманот е насочен кон ублажување на симптомите.

СЗО им препорачува на граѓаните и патниците да го намалат ризикот од убоди од комарци со носење соодветна облека и користење средства за заштита од комарци.

Поврзани вести