
Во просториите на Македонскиот културно-информативен центар во Софија потпишан беше Меморандум за соработка помеѓу Македонскиот културно-информативен центар во Софија и Друштвото на писателите на Македонија, со што беше воспоставена цврста основа за понатамошно унапредување на соработката во областа на културата, книжевноста и промоцијата на македонското духовно и литературно творештво.
Меморандумот го потпишаа директорот на Македонскиот културно-информативен центар во Софија и дипломатски советник, проф. д-р Зоран Пејковски, и претседателката на Друштвото на писателите на Македонија, Гордана Јовиќ-Стојковска. Со потпишувањето на овој документ двете институции ја потврдија својата заедничка определба за воспоставување долгорочно партнерство, засновано врз взаемна поддршка, размена на искуства и реализација на заеднички проекти од национално и меѓународно значење.
Меморандумот предвидува развивање на соработка во организирањето на книжевни промоции, авторски средби, трибини, научни конференции, изложби, литературни фестивали, преведувачки проекти, издавачки иницијативи и други културни содржини кои ќе придонесат за афирмација на современата македонска литература и нејзино претставување пред меѓународната јавност. Истовремено, документот отвора можности за продлабочување на соработката меѓу писателите, книжевните истражувачи, преведувачите и културните работници, како и за заедничко аплицирање на проекти од национален и меѓународен интерес.
Како институција чија основна мисија е промоцијата на македонската култура, јазик и уметност во Република Бугарија, Македонскиот културно-информативен центар во Софија и во иднина ќе продолжи да создава простор за претставување на најзначајните достигнувања на македонската книжевност и за воспоставување нови партнерства со релевантни културни институции. Во таа насока, соработката со Друштвото на писателите на Македонија претставува значаен исчекор кон уште посистематска промоција на македонските автори и нивното творештво.ж
Во рамките на средбата, претседателката на Друштвото на писателите на Македонија, Гордана Јовиќ-Стојковска, на Македонскиот културно-информативен центар во Софија му врачи донација од изданијата на Друштвото на писателите на Македонија, наменета за библиотеката на Центарот. Со оваа донација библиотечниот фонд е збогатен со значаен број книжевни изданија, поетски и прозни дела, антологии и публикации од современата македонска литература, кои ќе бидат достапни за посетителите, студентите, истражувачите и сите љубители на македонската книжевност.
Донацијата претставува значаен придонес за понатамошниот развој на библиотеката на Македонскиот културно-информативен центар во Софија, која во изминатиот период прераснува во препознатливо место за изучување, презентација и афирмација на македонската литература, јазик и културно наследство. Истовремено, таа претставува симболичен почеток на новото партнерство, потврдувајќи дека соработката меѓу двете институции ќе се темели на конкретни активности и заеднички заложби.
Потпишувањето на Меморандумот е уште една потврда дека културната дипломатија и институционалната соработка имаат суштинска улога во афирмацијата на македонските културни вредности надвор од државата. Преку заедничките активности што ќе произлезат од овој документ, Македонскиот културно-информативен центар во Софија и Друштвото на писателите на Македонија ќе придонесуваат за поголема видливост на македонската книжевност, за промоција на македонските автори.
Двете институции изразија уверување дека ова партнерство ќе резултира со бројни значајни проекти и настани, кои ќе ја збогатат културната програма на Македонскиот културно-информативен центар во Софија и ќе придонесат кон уште поинтензивна меѓународна афирмација на македонската литература и култура.

Македонски


