
Во македонскиот Културно-информативен центар во Софија вечер од 18:30 часот концерт ќе одржи Градски женски младински хор „Менада“ од Тетово, воден од диригентот проф. д-р Ивица Зориќ.
Публиката во Софија ќе има можност да се запознае со македонската православна хорска музика од минатото до денес. На програмата ќе бидат застапени композиции со православна духовна музика од повеќе земји. Хорот „Менада“ во 2026 година одбележува 45 години континуирана активност во Македонија и странство. Има настапено во 20 земји на концерти и фестивали, исполнувајќи православна духовна музика со особен акцент на автори од Македонија, при што освоил високи награди и признанија. Голем број од македонски и странски автори посветиле композиции на хорот и диригентот, соопшти КИЦ Софија.
Во хорот членуваат хористки од младинска возраст, а на репертоарот имаат композиции од разни стилови и епохи. Покрај изведба на вокални композиции ( капела), на програмата поставува и вокално-инструментални дела од светската хорска литература, како и композиции од ваков жанр од македонски автори.
Диригентот Ивица Зориќ дипломирал, магистрирал и докторирал на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Како музички истражувач, теоретичар и педагог во областа на македонската хорска музика, организирал повеќе од 1000 концерти на класична музика, учествувал на домашни и меѓународни собири, панели и фестивали и е член на значајни меѓународни хорски асоцијации.
Автор е и уредник на збирки на хорски композиции. На државните хорски натпревари во Македонија има освоено 21 прва награда со хоровите што ги води,, а има добиено и први и втори награди на фестивали во Бугарија, Чешка, Полска, Белгија, Италија, Германија и Холандија.
Во Австрија ја освоил Гран-при наградата и првата награда на фестивалот во Бад Ишл, каде жирито било составено од професори од Моцартеумот во Салцбург.

Македонски


