Skip to main content

Мицотакис: Забрзување на процедурите за помош и поддршка на погодените од пожарот што зафати околу 11.100 хектари

Сакам да ги уверам нашите сограѓани дека овојпат ќе се движиме уште побрзо во однос на финансирањето на активностите за обнова на уништените домови, секако, секогаш во рамките на важечката законска рамка, посочи грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на денешниот министерски состанок за мерките за обнова и поддршка на подрачјата погодени од пожарите во западниот дел на областа Атика и истакна дека процените се дека зафатената површина е околу 11.100 хектари, јави дописничката на МИА од Атина.

Како што информираа од кабинетот на Мицотакис, во фокусот на состанокот биле активностите за обнова на природната средина, заштитата од ерозија, државната помош за граѓаните и бизнисите, како и земјоделските обесштетувања во подрачјата погодени од пожарите.

На состанокот било соопштено дека ќе важи суспензија на договорите за работа (со надомест од 534 евра месечно за три месеци) за вработените во погодените бизниси, како и шестмесечно одложување на плаќањето придонеси за социјално осигурување и даночните обврски за бизнисите и домаќинствата што претрпеле штети.

Беше направен и целосен преглед на активностите што се однесуваат на рамката на државната помош и обесштетување на нашите сограѓани чии имоти беа уништени во овој пожар. Во следните, според мојата процена, 48 часа ќе имаме целосна слика за точниот број домови што или се уништени или претрпеле сериозни оштетувања – рече Мицотакис и апелираше до медиумите да не пренесуваат бројки кои, „според првичните процени, не одговараат целосно на реалноста“.

Објасни дека утре, во Министерството за животна средина, надлежните ќе ја претстават деталната процена на еколошката штета и дека „станува збор за околу 11.100 хектари, од кои 9.500 се наоѓаат во рамките на регионот Атика, но со повеќе делови што не биле зафатени од пожарот“, а ќе биде претставен и точниот временски план за обновата на природната средина, односно проектите за заштита од ерозија и поплави.

Рече дека според процените, се очекува овие проекти да започнат најдоцна до 15 септември и да завршат до крајот на годината.

Сакам уште еднаш да повторам дека кога гори шума, тоа не значи дека шумата е засекогаш загубена. Шумите што горат, особено шумите со алепски бор, минуваат низ процес на природна обнова, што, секако, треба да се поддржи и заштити. Ова во голема мера се случува во Атика. Би ги замолил надлежните да ги покажат соодветните податоци, за да не се создава впечаток дека „речиси сите шуми во Атика се уништени“ и дека „штетата што е направена е неповратна“. Очигледно, говориме за голема еколошка штета и ќе направиме сè што е во наши раце да ја поддржиме природата, со нејзино темпо, да продолжи со процесот на природна обнова – рече Мицотакис.

Пожарот што во петокот избувна во регионот Виотија во централна Грција брзо се прошири во соседната област западниот дел на периферијата Атика, поширокиот регион на Атина, а по шест дена интензивно гаснење, денеска беше локализиран.(МИА)

Поврзани вести