
MakeDox – фестивалот за креативен документарен филм Ве поканува на својата годишна фиеста, кој оваа година ќе се одржи од 20 – 27 август, посветен на една од нашите најзначајни филмолози и филмски критичарки, основополжници на Кинотеката, Илинденка Петрушева, нашата Бабе, голем сонувач, но и борец, која додека живееше на Земјата, празнуваше роденден на ден денешен… Нека и е вечен споменот!
Во продолжение текстот за годинешното издание на 17. МакеДокс, кое ќе се одржи под мотото „Само сонот е стварност“, со препев на песната на Тин Ујевиќ која го носи овој наслов, како и една од многуте книги што ги напиша Илинденка… за сите сонувачи, љубители на филмот – аматери, за сите борци за своите соништа!
Почитувана публико,
„Само сонот е стварност
таму нема вчера, ниту денес, ниту утре…
Останува само надеж и очекување.
Сѐ што збива е само во мечтите
и секоја мисла сон за сонот е.
Историјата е низа халуцинации,
човештвото во привиди живее
и гине со лаги на усните.“
Оваа година се собираме под мотото „Само сонот е стварност“ – мисла што нè потсетува дека токму соништата се тие што нè движат, што нè поврзуваат и што ни даваат сила да создаваме, да истражуваме и да веруваме.
„МакеДокс“ и оваа година останува простор каде што документарниот филм не е само форма, туку живо сведоштво – за времето, за луѓето и за вистините што понекогаш најлесно ги согледуваме токму низ објективот на камерата. Ова е место каде што љубовта кон филмот се претвора во дело, а страста на авторите – во слики што траат.
„Кога ќе умрам, името мое не давајте го
на некоја улица ил’ ѕвезда
туку на ружа убава, голема, мирислива.
Нека заплачат за мене Мариите,
но само оние убавите…
и нека есенции бесценети се пролеат
во љубовно согорување над кладата телесна.
Нека смртта моја што не ни прерано ниту предоцна ќе пристигне
биде мотив за длабока, свечена музика на енергија што прочистува.
Зашто страданието сигурно вечна убавина заслужува.“
Оваа година, како фестивалско мото го избравме „Само сонот е стварност“ – наслов на песна од Тин Ујевиќ, но и на книга на една од нашите најзначајни македонски филмолози и филмски критичарки, Илинденка Петрушева – нашата Бабе. Иако таа веќе е во некои повисоки, вечни киносали, ние – нејзините наследници – чувствуваме силна внатрешна потреба да ја продолжиме нејзината неуморна мисија: обновата на старите кина, за кои напиша бројни книги; поддршката на аматерскиот филм, на која ѝ беше верна до последниот здив; како и нејзината посветеност на филмските архиви, критиката и кинематографијата воопшто.
Во духот на ова мото, веруваме дека секој филм што ќе го погледнеме овие денови е еден сон – внимателно создаден, споделен и оживеан пред нас. А ние сме тука да го доживееме, да го почувствуваме и да го понесеме со себе.
„И сите овие зборови еднаш случајно во ветар фрлени
нека другпат се вратат со подлабок звук што останува
и со почисто значење,
нека бидне спознанието на пролетта.“
Затоа, за нас – како „МакеДокс“, како фестивал и како колектив на вљубеници во документарниот филм – ова мото не е само реченица, туку повик. Повик да продолжиме да го љубиме филмот со целото свое срце, да се бориме за неговото место на големото платно, во обновените киносали, заедно со нашата публика. Зашто документарниот филм често се раѓа од страста: од собирање архиви, нивно оживување и нивна повторна креативна употреба. Од љубовта на оние што го создаваат – „аматерите“, чиј збор доаѓа од латинското amor – љубов.
Оттука, „Само сонот е стварност“ станува наш заеднички импулс – да сонуваме, да создаваме и да остваруваме. Зашто што е филмот, ако не сон запишан на филмска лента и претворен во стварност на платното?
Еден мудрец рекол: Amo ergo sum! (Љубам, значи постојам!)
Затоа, како вистински аматери – вљубеници во филмот и киното – ве покануваме ова лето во нашите магични кинопростори: Куршумли ан, Сули ан и платото пред Музејот на Македонија. Да ја проследите најсвежата документарна продукција и заедно да сонуваме…
Зашто – САМО СОНОТ Е СТВАРНОСТ!

Македонски


