Skip to main content

Хаџиевски ја напушти клупата на Спартак Варна

 Искусниот македонски фудбалски стратег Ѓоко Хаџиевски ја напушти клупата на Спартак 1918 Варна, соопшти вечерва бугарскиот прволигаш.

Во клупското соопштение се наведува дека 70-годишниот Хаџиевски заминува од лични причини, а раководството било известено по победата во локалното дерби на Варна против Черно Море со 3:0 во неделата.

„Кога го презеде тимот, Ѓоко Хаџиевски прифати еден од најтешките предизвици во неговата импресивна тренерска кариера. На 70-годишна возраст, тој го презеде Спартак во време кога на клубот му беа потребни стабилност, смиреност и искуство. Под негово водство, тимот успеа да ги надмине тешкотиите, да ги стабилизира своите перформанси и да го задржи своето место во Првата лига по тешката измината сезона. Со ова, тој ја исполни својата прва мисија во клубот“, соопшти Спартак.

Во клупското соопштение се додава дека на почетокот од новото првенство, Хаџиевски го исполнил и второто ветувањето – да го врати победничкиот дух на тимот и да остави причина за гордост за сите навивачи на Спартак.

„Победата во дербито на Варна против Черно Море беше моментот што самиот тој го дефинираше како најсоодветно финале на својата мисија во клубот и посака да биде запаметен токму по овој успех“, соопшти бугарскиот клуб.

Хаџиевски, кој од 1996 до 1999 година беше македонски селектор, изрази голема благодарност до клубот од Варна и навивачите.

„Од првиот ден почувствував посебна врска со Спартак. Иако сум Македонец, во Варна се чувствував како дома. Начинот на кој ме пречекавте, почитта што ја добив од сите во клубот и од навивачите, никогаш нема да го заборавам. Особено сум среќен и поради тоа што во последните месеци, многу луѓе во Македонија почнаа да го следат и поддржуваат Спартак Варна. За мене тоа е вистински извор на гордост, бидејќи фудбалот создава пријателства и ги поврзува луѓето преку границите“, објави Хаџиевски