
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, го обвини Иран дека веќе ја нападнал неговата земја со испорака на дронови Шахед за Русија и со технологијата неопходна за нивно производство.
Од првата година на војната (2022), Иран ја снабдуваше Русија со нови технологии, вклучително и илјадници дронови Шахед, пред да им издаде лиценци за производство – изјави украинскиот претседател во интервју за британскиот канал Скај њуз.
Дали нè нападнаа? Мислам дека да. Значи, веќе го направиле тоа – додаде Зеленски, кој денеска престојува во посета на Велика Британија.
Украинскиот претседател изјави дека Иран и Северна Кореја ја поддржувале Москва од почетокот на инвазијата, без каква било претходна провокација од страна на Украина.
Според него, Пјонгјанг ѝ испорачал на Русија дронови, ракети, артилериски гранати со калибар од 155 милиметри и 10.000 војници.
Украинскиот претседател, сепак, повика да се избегнат какви било избрзани одлуки кои би можеле да отворат нов фронт, наведувајќи дека Киев мора да се подготви за можно заострување на нападите.
Шефот на иранската дипломатија, Абас Арагчи, вчера го обвини Зеленски дека е одговорен за нападот врз ирански трговски брод во кој загина еден морнар.
Арагчи предупреди дека таа акција „не смее да остане без одговор“, истовремено отфрлајќи ги украинските обвинувања против Техеран.

Македонски



