
Во охридската црква „Св. Софија“ вечерва во 21 часот концерт ќе одржи ансамблот „Алтус“ од Македонија. Диригент е Ана Спасовска, а во составот членуваат: Гонца Богоромова-Краповски, сопран, Елена Стојческа, флејта, Игор Иванов, кларинет, Роман Петиот, гитара, Маријана Николовска, пијано, Мартин Димитров, виолина, Александар Лаовски, виола и Паскал Краповски, виолончело. На програмата се дела од: Панде Шахов, Ангел Спировски, Томислав Зографски, Дарија Андовска, Дамјан Темков, Гијом Конесон, Морис Равел, Андре Капле, Камиј Сен-Санс и други.
Ансамблот „Алтус/Нов здив“ е проект од особено значење за националната култура како ансамбл кој се грижи за изведбата, афирмацијата и зачувувањето на класичното и современото музичко творештво во Македонија. Членовите на ансамблот се истакнати изведувачи кои следејќи ги стапките на домашните пионерски ансамбли, потребата за домашна и меѓународна афирмација на македонското творештво ја остваруваат со формирањето на „Алтус“.
Ансамблот настапувал на Охридско лето, на Универзитетот „Моцартеум“ во Салзбург, Австрија, на фестивалите „Музикал ду Киберон“ во Киберон, Франција, „Динамик Фест“ во Салзбург, Австрија, на Денови на македонската музика во Скопје и други. Ансамблот е добитник на наградата „Георги Божиков“ за 2024 година, која ја доделува СОКОМ како признание за најуспешна јавна изведба на дела од македонски композитори.

Македонски



