
Драмски театар Скопје со емотивна порака се прости од својот долгогодишен член и еден од најистакнатите македонски актери, Гоце Тодоровски, кој почина на 75-годишна возраст.
Од театарот истакнаа дека со неговото заминување македонската театарска, филмска и телевизиска сцена загуби уметник чие творештво речиси пет децении беше дел од животот на публиката.
Гоце Тодоровски беше член на ансамблот на Драмски театар од 1978 година, каде што остана сè до пензионирањето во 2018 година. Во текот на својата кариера на матичната сцена одигра 43 улоги, а неговото име засекогаш ќе остане поврзано со култните претстави „Солунски патрдии“, „Болва во уво“ и „Викенд на мртовци“, кои со години ја полнеа театарската сала.
Неговото актерско творештво се протегаше и надвор од сцената. Настапи во повеќе од шеесет филмски и телевизиски продукции, меѓу кои „Пред дождот“, „До балчак“, „Ослободување на Скопје“, „Преспав“, „Бистра вода“, како и во незаборавните серии „Македонски народни приказни“, „Бушава азбука“ и „Хихириху“.
За својот придонес кон македонската култура доби бројни признанија, меѓу кои наградата за најдобро актерско остварување на фестивалот „Војдан Чернодрински“, Орден за заслуги за Република Македонија, државната награда „23 Октомври“ и Наградата за животно дело.
„За Драмски театар Скопје, Гоце Тодоровски не беше само еден од најдолговечните и најсакани членови на ансамблот. Тој беше дел од идентитетот на театарот и од генерациите што растеа со неговите улоги“, наведуваат од театарот.
На крајот од објавата, Драмски театар упати искрено сочувство до семејството, колегите и почитувачите на актерот, порачувајќи:
„Гоце, ти благодариме за секоја претстава, за секој лик и за секоја насмевка.“

Македонски



