
Водата во Гостивар повторно доби статус на технички исправна по серијата лабораториски анализи, што значи дека граѓаните повторно можат да ја користат за капење, миење садови, перење и други домашни потреби. Сепак, таа и понатаму не е безбедна за пиење и подготовка на храна.
Информацијата ја соопшти министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој истакна дека анализите покажале значително подобрување на состојбата, но дека мерките на претпазливост остануваат на сила.
„Во координација сме со Општината за сè што треба да се преземе понатаму. Сакам лично да изразам благодарност до гостиварчани за нивното разбирање, но и до сите експерти кои помогнаа да дојдеме до оваа фаза – техничка вода. Играње со здравјето на граѓаните нема“, изјави Тошковски.
Според стручните служби, биле анализирани шест примероци земени од различни локации во градот. Кај сите примероци, во текот на три последователни дена, било потврдено дека водата ги исполнува условите за техничка употреба.
Во следниот период ќе продолжи засилен мониторинг на квалитетот на водата преку дополнителни мерења на повеќе локации во Гостивар. Надлежните очекуваат дека, доколку и понатаму резултатите бидат позитивни, наскоро ќе биде укината и забраната за користење на водата за пиење.
До тогаш, граѓаните се повикуваат да користат исклучиво флаширана вода за пиење и подготовка на храна.

Македонски



