
Германската индустрија продолжува да се соочува со сериозни предизвици, а според претседателката на Федерацијата на германски индустрии (BDI), Тања Генер, во секторот секој месец се губат околу 15.000 работни места.
Генер оцени дека германската економија е под силен притисок од глобалните геополитички случувања, при што како главни фактори ги посочи американските царински политики и сè посилната конкуренција од Кина, која, според неа, значително ја зајакнува својата индустриска позиција на светскиот пазар.
И покрај негативните трендови, таа смета дека германската индустрија има потенцијал за закрепнување доколку се создадат подобри услови за работа и инвестирање.
„Потребни се навремени реформи и инвестиции за да ја зачуваме конкурентноста на германската индустрија“, порача Генер, посочувајќи дека вештачката интелигенција ќе има клучна улога во модернизацијата на производството и во зголемувањето на продуктивноста.
Федерацијата на германски индустрии (BDI) претставува околу 100.000 компании во земјата, во кои се вработени повеќе од осум милиони луѓе, поради што состојбата во индустрискиот сектор има значително влијание врз целокупната германска економија.

Македонски


