Skip to main content

Лавров и Рубио разговарале за Украина, Персискиот Залив и нормализација на дипломатските односи

Ситуацијата во Украина, регионални и меѓународни прашања, како и нормализација на условите за работа на дипломатските мисии на Русија и на САД, биле главните теми на разговорот на министрите за надворешни работи Сергеј Лавров и Марко Рубио одржан на маргините на Самитот на АСЕАН во Манила.

Според руското МНР, на средбата што траела повеќе од половина час, Лавров го информирал Рубио за состојбата на линијата на раздвојување во Украина, притоа оценувајќи го „неприфатливо“ понатамошното вооружување на Киев.

Шефот на руската дипломатија ја критикувал, како што е наведено во соопштението, „дестабилизирачката политика“ на европските земји кои настојуваат да и нанесат „стратешки пораз“ на Русија.

„Лавров повторно ја потврди подготвеноста на руската страна за политичко-дипломатско решавање на конфликтот и посветеноста на предлозите што американската страна ги изнесе на средбата меѓу претседателите Владимир Путин и Доналд Трамп во Енкориџ, а кои рускиот претседател ги прифати“, соопшти руското МНР.

Во текот на разговорите биле разгледани и прашања поврзани со состојбата во Персискиот Залив, како и други регионални и меѓународни теми.

Лавров и Рубио ја поздравиле обновата на целосниот формат на контакти меѓу руската државна корпорација „Роскосмос“ и американската НАСА, како и развојот на меѓупарламентарната соработка и културните врски.

Посебно внимание било посветено на создавање услови за нормално функционирање на дипломатските претставништва на Русија и САД.

Двете страни се договориле да продолжат контактите меѓу министерствата за надворешни работи, вклучително и во рамки на меѓународните организации.

Според дипломатски извор, иницијатор на средбата била американската страна.

Во руската делегација учествувале заменик-министерот за надворешни работи Андреј Руденко, директорот на Одделот за надворешнополитичко планирање, Алексеј Дробињин и постојаниот претставник на рускиот претседател при АСЕАН, Евгениј Загајнов.

Американската делегација ја сочинувале заменичката на државниот секретар за политички прашања, Алисон Хукер и специјалниот пратеник на претседателот на САД, Серџо Гор. 

Поврзани вести