
На 48. сесија на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, која се одржува во Бусан, Република Кореја, беше претставена Бусанската декларација, документ што поставува нова рамка за меѓународна соработка во заштитата, управувањето и пренесувањето на светското културно и природно наследство.
Македонската делегација на сесијата ја предводи амбасадорот при УНЕСКО во Париз, проф. д-р Игор Николов, кој учествува заедно со претставници од државите членки, експертите и советодавните тела на УНЕСКО.
Декларацијата доаѓа во време кога светското наследство се соочува со сè покомплексни предизвици, меѓу кои климатските промени, природните катастрофи, вооружените конфликти, губењето на биолошката разновидност, урбанизацијата и брзиот технолошки развој.

Во документот се утврдени пет приоритетни насоки за идното дејствување:
- зајакнување на меѓународната соработка во спроведувањето на Конвенцијата за светско наследство;
- одговорно и инклузивно толкување и презентација на наследството;
- споделување на одговорноста меѓу државите, институциите, експертите и локалните заедници;
- интегрирање на заштитата на наследството со природата, климатската отпорност и одржливиот развој;
- одговорна и етичка примена на дигиталните технологии, вклучително и вештачката интелигенција.

Во срцето на Бусанската декларација е пораката дека соработката е клучот за зачувување на светското наследство, преку заедничко дејствување на државите, институциите, научната заедница и локалните заедници, со цел овие вредности да се зачуваат за сегашните и идните генерации.
„Конзервацијата ја штити вредноста. Веродостојноста гради доверба. Градењето капацитети овозможува акција. Комуникацијата го проширува разбирањето. Заедниците го одржуваат наследството. Соработката ги обединува сите“, се наведува во завршната порака на Бусанската декларација.

Македонски


