
Врховниот командант на иранската армија, Амир Хатами, денеска изјави дека Иран „ја контролира“ Ормуската Теснина и ги предупреди САД да не започнуваат копнена операција врз земјата.
„Техеран цврсто стои и ја контролира Ормуската Теснина. Ние пукаме врз Американците. Тие мора да знаат дека Исламската Република Иран е сериозна сила и го признава достоинството на иранскиот народ“, рече Хатами, објавија иранските државни медиуми.
Тој додаде дека многумина очекувале дека Иран ќе биде „понижен“, но дека, како што изјави, „победата на иранскиот народ е постигната и продолжува“, пренесува Скај њуз.
Хатами, исто така, го предупреди Вашингтон да не започнува копнена операција против Иран, велејќи дека ако американските војници „стапнат со своите валкани нозе на иранска почва“, ќе се соочат со милиони луѓе кои, како што рече, ќе „им се спротивстават со сите расположиви средства“.
Бројот на бродови што минуваат низ Ормуската Теснина е намален откако САД повторно воведоа поморска блокада на иранските пристаништа, додека судирите меѓу Вашингтон и Техеран се проширија низ Персискиот Залив.(МИА)

Македонски


