Skip to main content

Активирани кризни штабови во повеќе општини во Скопје

Силното невреме проследено со пороен дожд и силен ветер што попладнево го зафати Скопје предизвика материјални штети во повеќе делови од градот. Пријавени се паднати дрвја, искршени гранки, оштетена инфраструктура и блокирани улици, а во Општина Гази Баба е оштетен и кровот на основното училиште „Наум Наумовски Борче“.

Поради последиците од невремето, повеќе скопски општини ги активираа кризните штабови и ги мобилизираа службите за заштита и спасување.

Во Општина Центар, градоначалникот Горан Герасимовски свика итен состанок на Општинскиот штаб за заштита и спасување, по што започна координација меѓу надлежните служби. Екипите излегоа на терен за увид и преземање мерки за отстранување на последиците. Од Општината апелираат граѓаните да избегнуваат непотребно движење и сите проблеми да ги пријавуваат преку официјалните канали.

Кризниот штаб е активиран и во Општина Аеродром, каде службите се во постојана координација со Министерството за внатрешни работи и Град Скопје. Општинските екипи работат на расчистување и санација на последиците, а граѓаните кои имаат материјална штета се повикани истата да ја пријават во Полициската станица „Аеродром“ за евидентирање и изготвување записници.

Во Општина Кисела Вода се регистрирани повеќе паднати дрвја и искршени гранки. Активиран е Кризниот штаб, а службите работат на отстранување на дрвјата, расчистување на улиците и јавните површини. Активностите се координираат со ЦУК, ЕВН и службите на Град Скопје.

Последици има и во Гази Баба, каде освен паднати дрвја, невремето го оштетило кровот на основното училиште „Наум Наумовски Борче“. Од Општината информираат дека тимовите се подготвени за интервенции веднаш штом временските услови ќе дозволат.

Надлежните институции апелираат до граѓаните да бидат внимателни, да избегнуваат движење во близина на дрвја и нестабилни објекти и навремено да ги пријавуваат сите опасности и штети.

Поврзани вести