Skip to main content

Мицкоски: Нема банкрот, нема мигрантска криза – следуваат поевтини горива и нови инвестиции

Премиерот Христијан Мицкоски најави дека Владата денеска на вонредна седница ќе донесе одлука за намалување на акцизите за безоловните бензини и дизел-горивата, со цел да се ублажи влијанието од растот на цените на светските пазари.

Тој посочи дека новите воени дејства во Персискиот Залив повторно предизвикуваат раст на цената на нафтата и нафтените деривати, што претставува сериозен предизвик и за македонската економија.

„Ќе ја продолжиме кризната состојба и во рамките на тоа ќе ги намалиме акцизите за бензините и дизелот, со што ќе влијаеме цените да се намалат. Очекувам Македонија и понатаму да има убедливо најниски цени на горивата“, изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање при посетата на Велес.

Премиерот изрази оптимизам и за економските показатели, оценувајќи дека и вториот квартал ќе донесе солиден раст на бруто-домашниот производ. Како аргумент ги наведе силниот раст во градежништвото, двоцифрените стапки во трговијата и позитивните трендови во туризмот.

„Ќе биде тешко, но нема да очајуваме. Имаме план, буџетот се полни над нашите очекувања и голем дел од инвестициите веќе почнуваат да се реализираат. Во наредните месеци граѓаните ќе можат да ги видат резултатите од овие проекти“, рече Мицкоски.

Тој уверува дека државата навремено ќе ги сервисира сите обврски и оти нема основа за стравувањата што, според него, ги пласира опозицијата.

„Повторно лоша вест за опозицијата – нема ни оваа година да банкротираме. Платите ќе продолжат да растат согласно колективните договори и законите, а пензиите и сите останати обврски ќе се исплаќаат како што е предвидено со буџетот“, истакна премиерот.

Мицкоски рече дека е задоволен и од реализацијата на капиталните инвестиции, оценувајќи дека тие се движат според планираната динамика.

Воедно, ја критикуваше опозицијата, тврдејќи дека пласирала неосновани предупредувања за економски колапс и мигрантска криза.

„Нè убедуваа дека Македонија ќе банкротира и дека во април мигранти ќе шетаат низ државата. Еве, јули завршува, а ништо од тоа не се случи. Очигледно тој фолклор ќе продолжи до изборите“, рече тој.

Премиерот најави дека во наредниот период ќе започне изградбата на брзата пруга на Коридорот 10, а паралелно ќе се реализираат шест автопатски проекти, при што еден веќе е во завршна фаза.

„Лично, заедно со ресорните министри, секојдневно ги следам овие проекти. Верувам дека добрите времиња се пред нас и дека граѓаните наскоро ќе ги почувствуваат резултатите од сето она што го работиме“, порача Мицкоски.

Поврзани вести