
Унгарскиот премиер Петер Маѓар синоќа преку социјалните мрежи соопшти дека ќе побара од Јудит Полгар, која во пошироки рамки се смета за најголема шахистка на сите времиња, да биде избрана за следна претседателка на Унгарија, пренесоа светските агенции.
Маѓар во објавата на Фејсбук напиша дека 49-годишната Полгар би можела да го претставува единството на нацијата и оти денеска планира да се сретне со неа и да види дали таа ќе ја прифати номинацијата.
Според унгарскиот премиер, предлогот Полгар да биде избрана за претседателка на државата дошол од истакнати личности од унгарскиот јавен живот.
На нашата земја ѝ се потребни единство, мир и претседател со кого секој Унгарец може да биде горд. Претседателството не е работа, не е работно место, туку највисока служба. Задачата на претседателот е да служи и да го претставува секој Унгарец, напиша Маѓар на социјалната мрежа.
Инаку, ваквиот потег, како што пишува Ројтерс, доаѓа еден ден откако унгарскиот претседател Тамаш Сулјок го потпиша уставниот амандман што го усвои владејачката партија Тиса на Маѓар, со кој заврши неговиот мандат како шеф на државата.
Маѓар и неговата партија Тиса откако на изборите во април ставија крај на долгодишното владеење на десничарскиот лидер Виктор Орбан почнаа со промени на унгарскиот устав и законодавство што треба, условно кажано, ги исчисти институциите на земјата од соработниците на Орбан, преку кои, експремиерот се одржуваше на власт.
Унгарскиот парламент, каде партијата на Маѓар, Тиса, има двотретинско мнозинство што ѝ дава комотна позиција да ги донесе уставните и законските измени, треба да избере нов претседател на земјата кој ќе остане на функцијата додека не стапи во сила планираниот нов устав, односно максимум пет години.
Јудит Полгар, како што потсетува новинската агенција Ројтерс, со нејзините две сестри – Жужа (Сузан) и Жофија (Софија) и со Илдико Мадл го сочинуваа женскиот тим на Унгарија што ја освои Шаховската олимпијада во 1988 година и стави крај на советската доминација во овој спорт.
Полгар во својата кариера играше и против мажи и стана еден од најдобрите играчи во овој спорт. Денес, таа дури се смета и за најдобра шахистка на сите времиња, ако се земе предвид нејзиниот рејтинг од над 2 700, кој според многумина ја вбројува во неслужбената категорија „супер велемајстор“.
Кралицата на шахот е името на документарниот филм за Полгар што во февруари годинава беше објавен на Нетлфикс.
Маѓар во објавата меѓу другото наведува дека името на Јудит Полгар е синоним за талент и упорност со децении.
Ќе се сретнам со неа утре и ќе ја прашам дали е подготвена да ѝ служи на нашата земја во нова улога додека не се донесе новиот устав, напиша Маѓар на социјалната мрежа.
Инаку, таа се пензионираше од натпреварувачкиот шах пред повеќе од една деценија, но останува активна во промовирањето на играта. Истовремено, преку нејзината фондација, таа, исто така, го поддржува образованието и еднаквите можности во Унгарија.
Полгар претходно не вршела никаква политичка функција.

Македонски


