Skip to main content

„Поетска ноќ во Велестово“ со дваесетина поети, музичари и уметници од Македонија, Ирска, Хрватска, Србија, Црна Гора и Бугарија

Во Велестово и Охрид од 21 до 23 август ќе се одржи 38. издание на фестивалот „Поетска ноќ во Велестово“, на кое ќе учествуваат дваесетина поети, музичари и уметници од Македонија, Ирска, Хрватска, Србија, Црна Гора и Бугарија.

Фестивалот ќе започне на 21 август во 21 часот во село Велестово со поетскиот портрет на Јовица Ивановски, едно од најзначајните имиња во современата македонска поезија. Потоа ќе следува интернационалното поетско читање „Имаго“, со настапи на странските гости.

Истата вечер ќе биде отворена изложбата на акварели „Флора“ од Ивана Настески, во тремот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“.

Во рамките на тридневната програма ќе бидат промовирани пет поетски книги од автори од регионот, а ќе се одржат и две интернационални поетски читања под наслов „Мозаик“ – едното во охридскиот „Лапидариум“, а завршното во Велестово.

Меѓу учесниците се поетите Моли Туми од Ирска, Павле Горановиќ од Црна Гора, Томица Бајсиќ и Маја Ручевиќ Карановиќ од Хрватска, Звонко Карановиќ од Србија, како и Иван Христов и Петар Чухов од Бугарија. Ќе настапат и повеќе македонски поети, меѓу кои Викторија Ангеловска, Диме Ратајкоски, Тони Попов, Вероника Димоска, Ива Шајноска и други.

Програмата вклучува и музички концерт на Иван Христов и Петар Чухов со кавал и електрична гитара, како и организирани посети на културно-историското наследство на Охрид и природните убавини на Националниот парк „Галичица“.

Дизајнот на годинашниот фестивалски постер е на Андреј Павлов. „Поетска ноќ во Велестово“ е поддржана од Министерството за култура и туризам, Општина Охрид и Комерцијална банка АД Скопје, со дополнителна поддршка од Литературниот центар Мунстер од Корк, Советот за уметност на Ирска и Хрватското друштво на писатели.

Поврзани вести