
По години притисок врз корисниците да го заменат својот работен хардвер и да купат нови компјутери компатибилни со оперативниот систем „Виндоус 11“, „Мајкрософт“ е принуден да се повлече под притисокот на пазарот. Имено, првичниот план за прекин на поддршката за „Виндоус 10“ во октомври 2026 година е официјално откажан, а новиот рок е поместен на 12 октомври 2027 година.
Занимливо е што американскиот технолошки гигант го испрати официјалното известување за ова проширување под наслов „Останете безбедни уште една година“, но многу корисници воопшто не го забележаа тоа. Според некои корисници на „Аутлук“ (Outlook), известувањето на порталот „Виндоус лејтест“, како е-пошта завршило во споредна папка наместо во главната. Тоа се случило поради „системска грешка“, велат од компанијата.
Корисниците на „Џи-мејл“ (Gmail), пак, информираат: Пораката пристигнува во главната папка, но со прилично незабележлив наслов „Ажурирање: ‘Виндоус 10’ – проширени безбедносни надградби (ЕСУ)“. Ваквите пораки се чисто информативни, не бараат никаква реакција и пристигнува само до оние кои веќе се регистрирале за програмата „ЕСУ“.
Во самата е-порака, „Мајкрософт“ покажува разбирање за фактот дека префрлањето на нов компјутер бара време и пари.
Овој, според познавачи – „дипломатски“ пресврт е всушност принуден од бројките коишто говорат дека „Виндоус 10“ сè уште има исклучително висок пазарен удел, бидејќи корисниците одбиваат да ги фрлат в ѓубре своите целосно функционални компјутери само затоа што не ги исполнуваат наметнатите хардверски барања за „Виндоус 11“.
За сите корисници на „Виндоус 10“ кои не се регистрирале за програмата ЕСУ, без овие продолжени ажурирања, оперативниот систем станува лесна цел за хакери и безбедносни закани по завршувањето на редовната поддршка. Затоа, на секој што сака да остане безбеден, му се препорачува да се регистрира за оваа програма што е можно поскоро.(МИА)

Македонски



