Skip to main content

ДЗР: Повеќе од половина од возниот парк на ЈП „Комунална хигиена“ е нефункционален

Од вкупно 189 специјални комунални возила со кои располага Јавното претпријатие „Комунална хигиена – Скопје“, само 76 се во возна состојба, 80 се неисправни, а 33 се хаварисани – што значи дека 113 возила, односно речиси 60 отсто од возниот парк на комуналното претпријатие – е нефункционален.

Ова го покажува извештајот на Државниот завод за ревизија (ДЗР) на финансиските извештаи и ревизијата на усогласеност на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје за 2024 година.

Дополнително, нотира ДЗР во извештајот, значаен дел од возниот парк на „Комунална хигиена“ е со просечна старост од 15 години, подолг период не се користи или се користи со значително намален капацитет, не генерира економски користи и често е надвор од функција поради дефекти, иако формално се води како активен. Сето ова, посочуваат ревизорите, значително го ограничува оперативниот капацитет на претпријатието.

Покрај генералната неисправност на комуналните возила, ДЗР нотира и дека 40 отсто од резервните делови на залиха се набавени во 2009 година, застарени се и без реална употребна вредност. Ревизорите утврдиле и дека претпријатието не обезбедило право на сопственост за дел од имотот и не евидентирало опрема во негова сопственост, а нотирале и дека е соочено со високо учество на побарувања, чија наплатливост е неизвесна.

„Доминантен дел од побарувањата, односно побарувања во износ од 127 386 илјади денари (2 071 317 евра) има значително намалена или неизвесна наплатливост, како резултат на регистрацијата на корисници без соодветна верификација и склучени договори, како и поради високото учество на вредносно усогласени побарувања од 74,52 проценти од вкупните побарувања по основ на комунални услуги“,наведуваат од ДЗР.

Во извештајот дополнително се наведува и дека поради необезбедена согласност на годишните планови за вработување, претпријатието во 2024 година преку приватна агенција ангажирало 354 лица на кои им бил исплатен износ од 185 680 денари. Утврдени се и неправилности во начинот на пресметка на платата на директорот, како и кај прекувремената работа на административните службеници.

„Со извршената анализа на податоците искажани во трговските книги и финансиските извештаи, ревизијата констатира дека: Јавното претпријатие евидентира неповолен однос меѓу приходите и расходите, негативна
профитабилност (загуба), намалена ликвидност, како и влошена деловна ефикасност изразена преку продолжен период на наплата на побарувањата (140 дена) и зголемен период на плаќање на обврските (108 дена)“,се додава во извештајот на ДЗР.

Целиот извештај на ДЗР е достапен на следниот линк.

Поврзани вести