
Државниот инспекторат за транспорт денеска доби 18 нови специјализирани возила, донација од Европската Унија, кои ќе придонесат за поефикасен инспекциски надзор и поголема безбедност на патиштата.
Заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, истакна дека со новата опрема Инспекторатот добива значително подобрени услови за работа и можност за поефикасно присуство на терен низ целата држава.
„Со овие 16 специјално опремени патнички моторни возила, две возила за следење и едно специјално адаптирано комбе кое ќе служи како мобилен контролен центар, Инспекторатот ќе може целосно да ги извршува своите надлежности. Тоа значи поголема безбедност на патиштата, побрз и поефикасен инспекциски надзор, како и подобра контрола на прекумерната тежина на камионите, превозот на опасни материи и автобускиот превоз“, изјави Николоски.
Тој нагласи дека, покрај изградбата на нови патишта, неопходно е да се обезбеди нивно правилно користење и одржување.
„Еден од главните фактори за уништување на патиштата е непочитувањето на правилата. Со засилените контроли ќе обезбедиме инвестициите што ги правиме да имаат долгорочен ефект“, рече Николоски.
Амбасадорот на Европската Унија во Македонија, Михалис Рокас, посочи дека возилата се опремени со современа ИТ-опрема и се наменети да ги поддржат напорите на Министерството за транспорт за унапредување на безбедноста во патниот сообраќај.
„Со ова Европската Унија покажува како на најдобар начин се користат европските грантови. Денешната донација е уште една потврда дека ЕУ ѝ помага на земјата подобро да се подготви за членство, но и да ја подобри безбедноста на патиштата“, изјави Рокас.
Од Министерството најавија дека во наредниот период се очекува уште една донација на возила за потребите на инспекциските служби.

Македонски



