
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски денеска присуствуваше на поставувањето на камен-темелникот на првиот маркет на „Лидл“ во Струмица, оценувајќи дека станува збор за една од најзначајните инвестиции во земјата, која ќе има големо значење и за Струмица и за целиот регион.
Тој истакна дека просторот на кој се гради маркетот за само неколку месеци доживеал целосна трансформација, а во наредниот период ќе прерасне во модерен трговски објект.
„Драго ми е што најголемиот бренд во трговијата, „Лидл“, доаѓа во Македонија. Тоа е значајно и за државата, бидејќи ја позиционира на инвестициската мапа, но и за подобрување на бизнис-климата. Особено ме радува што успеавме да дадеме поддршка за реализација на инвестиции вредни околу 200 милиони евра“, рече Николоски.
Тој нагласи дека Владата се бори за секоја инвестиција, за секое евро и за секое ново работно место, оценувајќи дека инвестиција од 200 милиони евра претставува огромен поттик за македонската економија.
Осврнувајќи се на значењето на новиот објект во Струмица, Николоски рече дека маркетот ќе придонесе за развојот на целиот регион, ќе им понуди квалитетни производи на потрошувачите, но и ќе отвори нови можности за пласман на домашното земјоделско производство.
„Убеден сум дека „Лидл Македонија“ ќе ги препознае најдобрите производи од Струмица и струмичкиот регион. Токму овде се произведуваат најквалитетните раноградинарски култури и верувам дека тие ќе се најдат на трпезите не само во Македонија, туку и низ целиот регион. Знам дека „Лидл“ веќе извезува домашни производи, што е од големо значење за земјоделците. Ова е земјоделски крај каде што луѓето работат напорно, од раните утрински часови, и знаат што значи вложениот труд. Затоа сум благодарен што обезбедувате сигурен пласман за нивните производи и придонесувате за подобрување на нивната цена“, изјави Николоски.
Тој најави дека Владата ќе продолжи да ги поддржува инвеститорите преку поедноставување на административните процедури.
„Во таа насока направивме измени на Правилникот за урбанистичко планирање, со што вакви објекти треба побрзо да стануваат реалност низ целата држава. Очекувам оваа позитивна приказна да продолжи и се надевам дека околу Нова година ќе ги видиме првите маркети на „Лидл“ отворени во Македонија“, порача Николоски.

Македонски


