
Европската Унија нема да ги укине санкциите против Иран се додека Техеран не се откаже од својата нуклеарна програма, регионалните дестабилизирачки активности и разработувањето балистички ракети, изјави денеска францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро.
Нема да има никакво укинување на санкциите против иранскиот режим се додека тој не се откаже од својата нуклеарна програма, од својот револуционерен проект што го дестабилизира регионот и од програмата за балистички ракети, од кои дел еден ден би можеле да стигнат до Европа – изјави Баро за телевизијата „Бе-Еф-Ем“.
Тој додаде дека санкциите ќе останат во сила и се додека Техеран, како што рече, „не им ја врати на Иранците слободата сами да ја изградат својата иднина“.
Запрашан за новото зголемување на тензиите меѓу Иран и САД, Баро одби да каже дека конфликтот повторно ескалирал во војна.
Факт е дека постои постигнат договор што овозможува нешто многу едноставно – прекин на борбените дејствија, повторно отворање на Ормуската Теснина и започнување преговори за строго ограничување на иранската нуклеарна програма – рече францускиот министер.
Тој повторно ги повика сите страни да се вратат на преговарачкиот процес утврден со договорот, оценувајќи дека „никој нема интерес од ескалација“.

Македонски



