Skip to main content

Претседателката Гордана Сиљановска – Давкова приреди прием за уметниците кои вечерва го отвораат Охридско лето

Охридско лето

Претседателката на Република Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, во Вила „Билјана“ приреди прием за светски реномираните оперски уметници Ермонела Јахо и Чарлс Кастроново и диригентот Марко Боеми, кои вечерва на Античкиот театар со гала-концертот „Љубов“ свечено ќе го отворат 66. издание на фестивалот „Охридско лето“.

Претседателката Сиљановска-Давкова им посака топло добредојде на гостите, успешен настап и пријатен престој во Охрид, изразувајќи уверување дека инспирирани од уникатниот дух на Охрид, ќе ѝ приредат на публиката свечено отворање за паметење и уште една незаборавна фестивалска вечер.
Директорот на фестивалот, Ѓорѓи Цуцковски се заблагодари за приемот и поддршката, нагласувајќи дека претставува особена чест што фестивалот е под покровителство на претседателката на државата и дека тоа е силна потврда за неговото значење како една од најреномираните културни манифестации во регионот и Европа.

фото: Охридско лето


Цуцковски кажа дека годинашното фестивалско издание носи богата, жанровски разновидна и висококвалитетна програма, составена од оперски, симфониски и камерни концерти, театарски претстави, балет и џез, потврдувајќи ја мисијата на фестивалот да промовира врвни уметнички вредности и културен дијалог.
Уметниците ја изразија својата благодарност за срдечното гостопримство и истакнаа дека со особено задоволство ќе настапат на отворањето на фестивалот, кој со својата богата традиција и углед претставува едно од најзначајните културни случувања во регионот. See less

Поврзани вести