
Министрите за финансии на земјите-членки на ЕУ го одобрија новиот унгарски национален план за закрепнување и отпорност, што ја отвора можноста за пристап до 10 милијарди евра блокирани средства.
Средствата беа блокирани поради обвинувањата за систематски прекршувања на владеењето на правото за време на поранешниот унгарски премиер Виктор Орбан. Новата унгарска Влада на премиерот Петер Маѓар поднесе изменет предлог за национален план за закрепнување и отпорност, што денеска беше одобрен.
Советот одобри нов План за закрепнување и отпорност (ППО) за Унгарија. Новиот план треба да овозможи исплата на 10 милијарди евра на Унгарија, што се состои од околу 6,5 милијарди евра грантови и околу 3,5 милијарди евра заеми.
Советот на ЕУ наведува дека изменетиот унгарски план за закрепнување и отпорност ќе обезбеди заштита на финансиските интереси на Унијата, ќе ја зајакне унгарската антикорупциска рамка, ќе ја зголеми транспарентноста на јавните ресурси и јавните набавки и ќе го подобри вклучувањето на засегнатите страни и социјалните партнери во законодавниот процес. Новиот план, исто така, вклучува мерки за зајакнување на независноста на судството и владеењето на правото во Унгарија.
Плаќањата од Механизмот за закрепнување и отпорност се насочени кон цел, што значи дека Комисијата исплаќа износи на секоја земја само кога ќе ги исполнат договорените клучни цели и задачи за завршување на реформите и инвестициите вклучени во нивниот план.
Унгарија има многу малку време да ги повлече средствата блокирани досега. Рокот до кој членовите мора да ги спроведат сите реформи и инвестиции и да ги исполнат сите поставени цели и клучни фази е 31 август, 30 септември е крајниот рок за поднесување на конечни барања за плаќања, а крајниот рок за плаќања е 31 декември оваа година.

Македонски



