
Од Сенатот на УКИМ чекаме одговор дали ќе ја одобрат новата студиска програма на Медицинскиот факултет во Скопје за парамедици која треба да трае три години и со која ќе се реши недостигот на кадар во Брзата помош, изјави денеска министерот за здравство во заминување Азир Алиу на брифинг, одговарајќи на новинарско прашање.
Освен што ќе се реши проблемот со недостиг на екипи за брза помош, тоа е тренд во светот. Ние завршивме со сите процедури за парамедици. Значи, од страна на Министерството веќе се пратени, најверојатно пред месец и пол, два, до универзитетите. Чекаме од УКИМ одговор од Сенатот да помине како нова студиска програма. Тие се тригодишни студиски програми коишто ќе овозможат нашите екипи да бидат пооптимални, подобро организирани, бидејќи, освен инфраструктурата, еден од главните проблеми е и човечкиот фактор, изјави Алиу.
Лекарите кои работат во Брзата помош најчесто привремено се таму, па потоа се префрлуваат на специјализации, субспецијализации и одат надвор од таа институција и цело време кубуриме со кадар таму, додаде Алиу, објаснувајќи дека овие тригодишни студии одамна ги има во светот.
Откако Сенатот на УКИМ ќе даде мислење за овие тригодишни студии, потоа Министерството за образование и наука треба да даде зелено светло за понатаму да функционира.

Македонски



