Skip to main content

ВМРО-ДПМНЕ ќе прифати секаков договор за Изборниот законик ако е вклучено гласањето на дијаспората

Координаторот на пратничката група на ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојаноски денеска ги повика опозициските партии да постигнат договор за измените на Изборниот законик до 15 јули, нагласувајќи дека владејачкото мнозинство ќе ја поддржи секоја варијанта што ќе ја усогласат, доколку во неа биде предвидено гласање на дијаспората.

Стојаноски на прес-конференција во Собранието истакна дека работната група составена од координаторите на пратеничките групи одржала средби во саботата и во вторникот, кога, како што посочи, ВМРО-ДПМНЕ излегло со понуда за надминување на разликите околу Изборниот законик.

Денеска е петок, се уште не имаме никаков одговор на понудата која што ја произнесеме, не се најавува никаква иницијатива за средба помеѓу опозициските партии. Понеделник е веќе 13-ти, крајниот рок кој што ги имаме како држава да ја заокружиме оваа цел за да имаме 10 од 10 исполните задачи, краен рок е 15 јули, сметаме дека оваа тема е пресериозна за да се политизира на истата – вели Стојановски.

ВМРО-ДПМНЕ, додава, ќе прифати сѐ што ќе договорат опозициските партии ДУИ, СДСМ, Левица, како и блокот на Зијадин Села и Арбен Таравари, без разлика дали станува збор за една изборна единица, моделот на финансирање на политичките партии или механизмите за изборни приговори.

Сѐ што тие ќе стават во еден законски текст, ние ќе го прифатиме, се додека во него е вклучено гласањето на дијаспората. Даваме бланко поддршка и веднаш ќе го потпишеме таквото законско решение – посочува Стојаноски.

Вели сѐ уште има време до 15 јули да се постигне договор и повторно ги повика опозициските партии да седнат на заедничка маса и да ги надминат разликите.

Според Стојаноски, различните ставови околу една изборна единица, финансирањето на политичките партии и другите прашања не треба да бидат пречка за постигнување договор, доколку се обезбеди право на глас на дијаспората.

Дали конкретно се работело за една изборна единица, би прифатиле тоа што тие ќе го договорат. За финансирањето на политичките партии, исто така модел што тие би го договориле, ние би го прифатиле, моделот за поплаки кој што сметаа дека треба да биде инкорпориран, и тој би го прифатиле, се додека во сето тоа е вклучено гласањето на дијаспората. Што сакаат, како сакаат, за што тие сметаат дека треба да бидат прифатени, за нас ќе бидат прифатливи, веднаш даваме бланко поддршка, го потпишуваме тоа законско решение кој што тие било го доставиле до нас, се додека е вклучено гласањето на дијаспората – рече Стојановски.

Поврзани вести