Тажниот трет понеделник во јануари вообичаено се смета за „најдепресивниот ден“ во годината… И, иако ова не се заснова на научни факти, сепак, денеска многумина чувствуваат емотивни тешкотии и предизвици, додека зимските температури сè уште се ниски, денот сè уште кус, а празниците се зад нас.
Овој ден, според познавачите, може да послужи за осознавање, признавање и решавање на чувството на тага коешто некои луѓе може да го искусат во зимските месеци. Така, главниот совет гласи: Работете на менталното здравје! „Тажниот понеделник“ е потсетник за грижата за себе. Можеби е време и за разговор со психолог, ако тоа е потребно.
Тезата за „тажниот син понеделник“ во 2004 година ја поставил Клиф Арнал – психолог од Велс кој предавал на Универзитетот во Кардиф. Своевидниот „гуру“ во својата теорија зел предвид неколку фактори, како што се временските услови, времето по Божиќ, парите и трошоците. Формулата гласи: [V + (D – d)] k TK / M k Na. Притоа, V означува време, D – долгови, d – месечна плата, T е за деновите минати од Божиќ досега, K – денот кога сме се откажале од новогодишните одлуки, M е нивото на мотивација и N е „параметарот“ за чувството дека треба да направиме нешто.
Така, неговиот прв совет гласи: Освежете ги Вашите цели и приоритети! „Тажниот понеделник“ може да биде прилика за повторно сосредоточување на целите и приоритетите за претстојнава година. Поставувањето нови цели или преразгледувањето и надградбата на веќе постоечките – може да создаде чувство на мотивација и цел.
Натаму, се вели, направете план за физичка активност! Телото и умот се поврзани, па и редовните вежби може да го подобрат расположението. Вклучете се во потфати коишто поттикнуваат благосостојба, ангажираност, чувство на полезност, среќа.
Поврзете се со семејството и пријателите! Денеска е совршен ден за дружење со саканите, да ги споделите Вашите чувства и да побарате поддршка, заради попријатни чувства, поведар дух и борба против лошото расположение.
Опуштете се! Не заборавајте на себеси и Вашите потреби. Опуштањето и занимациите коишто исполнуваат и носат радости, без разлика дали се работи за читање книга, гледање филм или медитација – сè тоа е пожелно и многу препорачливо.
Поставете си ги „дневните цели за среќа“! Наместо да се сосредоточите на еден ден, последниот совет на психологот гласи: Размислете за поставување дневни цели, за посреќни денови преку цела година. Ова помага да се одржи потребниот позитивен дух.