
Дирекцијата за култура и уметност на Скопје подготви богата програма викендов на 47. издание на фестивалот Скопско лето.
На 11.07.2026г. (сабота), со почеток во 20:15 часот во Кинотека на Македонија, во рамки на „Кинотека на Скопско лето“, ќе се прикаже филмот „Хај Фај“, во режија на Владимир Блажевски.
Билетите се во продажба на karti.com.mk.
Истата вечер (11.07.2026г. – сабота), со почеток во 20:30 часот во Музеј на град Скопје ќе се одржи мултимедијален музичко-поетски перформанс насловен „Културна кауза“.
Мултимедијалниот музичко – поетски перформанс „Културна кауза“ е проект на македонскиот музичар и продуцент Никола Стојковски (ФИН Проект) со неговите соработници, актерите Арна Шијак и Игор Трпчески, пијанистката Билјана Петровска и Орхидеја Дукова како вокал. Публиката ќе има можност да ја слушне и види премиерната изведбата на нивниот проект насловен „Смирна“ , кој ја има духовноста како главен мотив. Ова дело на суптилен начин сублимира авторска музика на Стојковски и Петровска збогатена со вокална изведба на Орхидеја Дукова, со поетските рецитали на поеми од великани и современици на македонскиот пишан збор.
Билетите се во продажба на karti.com.mk.
На 12.07.2026г. – недела, со почеток во 20:30 часот на Факултетот за ликовни уметности – Сули ан ќе се одржи камерен концерт насловен „Неочекувани поврзувања: Класичната музика и светот на тангото“ на ФЕЈМС Институт.
Ова е втор концерт на јулската концертна серија на ФЕЈМС Институтот и ќе се одвива под водство на реномираните уметници Веско Ешкенази и Стојан Караиванов, со учество на пијанистката Викторија Бојанова.
Веско Ешкенази е концертмајстор на Concertgebouw Orchestra од јануари 2000 година, а претходно бил концертмајстор и на Netherlands Chamber Orchestra и Netherlands Philharmonic Orchestra. Добитник е на награди од престижните натпревари „Wieniawski“ (Полска, 1985) и „Carl Flesch“ (Лондон, 1988), а настапувал со оркестри како Royal Philharmonic Orchestra и London Philharmonic Orchestra, под диригентско водство на имиња како Yuri Bashmet, Colin Davis, Carlo Maria Giulini, Kurt Masur и Seiji Ozawa.
Стојан Караиванов е првиот бугарски бандонеонист на класичен аргентински систем. Настапувал на значајни фестивали како „European Music Festival“, „Sofia Music Weeks“ и „Apollonia Arts Festival“, како и на бројни меѓународни фестивали во Австрија, Швајцарија, Германија, Русија, Италија, Македонија, Босна и Херцеговина и Кипар.
Од Моцарт и Менделсон до танго нуево на Пјацола, програмата ја истражува трансформацијата на музичкиот израз низ класичната музика, тангото и филмските звучни светови. Преку богат и разновиден репертоар, публиката е поканета на патување кое ги открива врските помеѓу традицијата и иновацијата, истакнувајќи ја моќта на ритамот, бојата и раскажувањето низ различните музички жанрови.
Овој концерт е завршен настан на шестдневната едукативна програма на ФЕЈМС Институтот, во рамки на која млади професионални класични музичари од цела Европа престојуваат во Скопје и, под менторство на Веско Ешкенази и Стојан Караиванов, работат на избраниот репертоар во професионално опкружување, а потоа го изведуваат на сцена, применувајќи ги новостекнатите уметнички и технички знаења.
ФЕЈМС Институтот, основан во 2021 година, во рамки на светски познатиот FAME’S Project, кофинансиран од Европската Унија преку програмата Креативна Европа и Министерството за култура на Република Македонија, им овозможува на млади класични музичари од Европа да учествуваат на мастер класови и професионални студиски снимања. Институтот ја поврзува класичната обука со современи индустриски практики, вклучувајќи оркестарски снимања и крос-жанровска соработка. До денес, повеќе од 450 студенти од 31 земја учествувале во нашите целосно финансирани програми.
Билетите се во продажба на karti.com.mk.

Македонски



