
Новофомираното трио „Нова“ на своето гостување во Р. Србија, и на втората „Медитеранска Ноќ“ во Културниот центар во Нови Сад имаше преполна сала, долги овации и враќања на бис. Триото во состав Иван Наумовски, Јордан и Ѓорѓи Петрушевски, со внимателно избраната програма од италијански, француски, шпански и австриски композитори, а посебно со сплетот обработки од најпрепознатливи македонски народни песни, на најпрофесионално и најрепрезентативно ниво ја претстави македонската музичка култура во Р. Србија.
Гостувањето на триото „Нова“ во Р. Србија е проект поддржан од нашето Министерство за култура и туризам, реализиран преку нашиот КИЦ во Белград.
„Гостувањето на трио НОВА во Белград и во Нови Сад, уште еднаш ни покажа колку е значајно, кога внимателно ќе се одберат и времето и просторот и партнерите за соработка и во денови на летни месеци, кога обично градовите се полупразни, да се наполнат сали, да се стекне нова публика, да се зборува за македонската култура на начин, кој што вистински го посакуваме и го заслужуваме. Во овој контекст, КИЦ Белград изразува посебна благодарност, најнапрд кон добрата белградска и новосадска публика, кон Културниот центар Београд, Културниот центар Нови Сад и Националниот Совет на Македонците во Србија, како и кон стручната музичка јавност која во значаен дел, преку видни српски музички уметници, беше присутна на концертите и во Белград и во Нови Сад“

Македонски



