
Од печат излезе романот „Изгубените женски ракописи“ – четврта авторска книга на македонската писателка Дијана Петрова.
Станува збор за постмодернистички, историографски роман во кој преку главната наративна приказна е прикажан развојот на македонската книжевност, почнувајќи со периодот дури од 13 век, а со акцент на 19 век, како најважен период за македонската нација и култура. Со помош на постмодернистичките техники се прикажува и македонската современа литература и како таа за краток период успева да застане рамо до рамо со светската. Овој експериментален роман во себе содржи епистоларни елементи, преку кои пак се пренесени раскази со кои се прикажува умирањето на кратките приказни на сметка на долгите.
Приказната е раскажана преку лик што верува во предодреденост, а својата ја гледа во тоа да биде писател и таа предодреденост го испраќа на часови по креативно пишување. Преку расказите и писмата што се вметнати во романот се прикажани растењето, созревањето и градењето на еден писател. Главните ликови: раскажувачот, професорот по креативно пишување, пензионираната универзитетска професорка (чиј идентитет се открива дури на крајот) и пензионираниот универзитетски професор (кој бил член на првата комисија за кодификација на македонскиот јазик) се главните темели што ја држат приказната. Нивна заедничка точка е нараторот.
Еден пензиониран универзитетски професор остава една стара книга во ракопис. Потрагата по вистинитоста на тој ракопис ќе ги одведе протагонистите до други ракописи, кои откриваат уште една страна од развојот на македонската литература со која таа предничи пред другата балканска. Се менува перцепцијата кон тоа дека македонската книжевност најбавно се развива, туку напротив, се покажуваат имиња на други интелектуалци со чие писмо се поместуваат границите. Потрагата по тие ракописи е главна тема во романот, а преку неа се откриваат други приказни поврзани со македонската литература.
Поигрувајќи си со фактот и фикцијата, Петрова открива уште еден важен момент од македонската книжевност – постоењето и развојот на книжевноста создавана од жени, кои биле важен дел од македонската интелигенција. Отворањето и постоењето на женските училишта дава поинаква слика за Балканот, особено за Македонија. Бидејќи фактот и фикцијата постојано се испреплетуваат, а во духот на постмодернизмот, писателката му остава простор на читателот во откривањето на вистинитоста на сето тоа што го споделува, со што романот ја менува формата на раскажувања и се претвора во исповед.
Ова е втора книга, по „Излегувањето од сенка (Тајното женско училиште)“, објавена во 2023 година, во која Петрова обработува теми што се однесуваат на женскоста преку афирмација на подзаборавените историски ликови и нивна актуализација.
Дијана Петрова (8.4.1992, Делчево) е професорка по македонски јазик и литература. Дипломирала и магистрирала на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности, при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Скопје. Авторка е на три објавени книги: „Бдеењето над себе“ (роман; Битола: Нов Вавилон, 2018), „Не правете им сенка на гробовите“ (збирка раскази; Скопје: Антолог, прво издание 2020, второ издание 2021), „Излегувањето од сенка – Тајното женско училиште“ (роман; Скопје: Антолог, 2023). Авторка е на многу есеи и раскази, кои се објавувани во неколку книжевни списанија: Современост, Литературен збор, Репер, Блесок, Окно, Медуза, Млади македонисти, Премин. Била дел од меѓународниот книжевен фестивал „Букстар“. Била избрана и за резидентен писателски престој што го организира познатата европска мрежа „Традуки“. Во 2023 година за расказот „Рош хашана“ ја добива првата награда на конкурсот распишан од Фондот на холокаустот во Македонија. Во 2024 година за расказот „Јоанес Даубманус“ ја добива престижната награда „Живко Чинго“. Во 2025 година повторно ја добива наградата „Живко Чинго“ за расказот „Мизенабим“. „Изгубените женски ракописи“ е нејзина четврта објавена книга.

Македонски



