
Денеска е Раѓање на св. Јован Крстител – Иванден. Именден празнуваат: Иван, Иванка, Ивана, Јанко, Јане, Јана…
На свети Јован Крстител црквата му посвети неколку празници, и тоа не случајно. Овој светител беше наречен најголем меѓу родените од жена, со што е потврдено неговото посебно место во човечката историја.
Тој, заедно со пресветата Дева која ни го роди Бога е врската на стариот и новиот свет, врската на Стариот и Новиот завет.
Инаку, денес се празнува почетокот на благовеста за Христос, со што се определува и посебната врска меѓу Синот Божји и последниот пророк на Стариот завет.
За тоа зборуваат стиховите од тропарот, кои гласат: се разреши немоста на татковците, т.е. почна непосредната проповед за Христовото доаѓање.
Во македонската народна традиција овој празник е поврзан со летниот солстициј, односно со периодот на долгодневницата. Овој празник во годишниот круг празници е симетричен на Божиќ, денот поврзан со зимскиот солстициј, односно со периодот на краткодневицата. Овие два празници ги поврзуваат и повеќе обичаи и верувања поврзани пред се со сонцето.
Најпознат обичај на Прославата на Иванден е Тајане. Тоа претставува македонски календарски обичај поврзан со празникот Раѓањето на Свети Јован Крстител – Иванден (7 јули /24 јуни)[2]. Најдолго се задржал во Прилепско, Битолско и Крушевско. Од обичаите што се изведуваат на овој ден повпечатливи се оние поврзани со растението папрат.
Имено вечерта спроти празникот се бере папрат, а тоа пак е поврзано со верувањето во неговата апотропејска моќ. Папратот се става на постелата и на него се спие за здравје, а рано наутро на самиот ден Иванден се плетат венци што се ставаат во бавчите за да ги чуваат од разни болести, временски непогоди како и други несреќи.
Во таа насока се и обичаите и верувањата поврзани со огновите. Ритуалите со билките, исто така претставуваат еден од најважните елементи поврзани со Иванден, а тие пак исто така се остаток од старите словенски верувања.
Со Иванден се поврзани многу обичаи и верувања, но најповеќе се однесуваат на билките и верувањето во нивната магиска моќ. Верувањето пак дека тој ден играло сонцето или дека се превртувало три пати е поврзано со тоа што Иванден се паѓа во најтоплиот период од годината.

Македонски



